Свет
Лекарите даваат отказ поради обврската за вакцинација, болница во Њујорк привремено го затвора породилното одделение
Болница во американската сојузна држава Њујорк привремено го затвора породилното одделение поради недостиг од здравствени работници што се вакцинирани.
Бранот на отпуштања на докторите дојде кога таа федерална држава воведе задолжителна вакцинација против Ковид-19 на здравствените работници, пишува Си-ен-ен.
„Не можеме со сигурност да ветиме дека ќе ангажираме доволно персонал во родилиштето по 24 септември. Бројот на отпуштања не ни остави друг избор, освен да ја прекинеме работата на породилното одделение. Се надевам дека Министерството за здравство ќе ни помогне во оваа ситуација“, рече извршниот директор на болницата, Џералд Кајер, на прес-конференција во петокот.
Откако поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо, нареди сите здравствени работници да добијат барем една доза од вакцината против коронавирусот до 27 септември, 30 здравствени работници, од кои 21 се лекари, дадоа отказ, вели Кајер.
Шест од наведените отпуштања се од породилното одделение.
Кајер додава дека 165 вработени во неговата болница сѐ уште не примиле ниту една доза од вакцината против коронавирус.
На прашањето зошто треба да се затвори породилиштето, Кајер рече дека „нивната единствена надеж е дека ќе се зголеми бројот на вакцинирани, така што помалку луѓе ќе заминат и можеби, со малку среќа, некои што поднеле откази ќе се премислат во таа одлука“.
Вработените што даваат отказ или се отпуштени поради статусот на вакцинација нема да имаат право на надоместок за невработеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Индија почнаа изборите, кои ќе траат шест недели, а ќе гласаат речиси 970 милиони
Денеска, почнаа најобемните избори во светот, а речиси 970 милиони регистрирани гласачи во Индија учествуваат во овој огромен процес, кој ќе се одвива во седум фази и ќе трае дури шест недели.
Премиерот Нарендра Моди се надева дека ќе освои трет последователен мандат во земјата со 1,4 милијарда жители. Гласачите, всушност, не го избираат директно премиерот, туку 543-те пратеници на Лок Сабха, долниот дом на парламентот на најнаселената земја во светот, објави „Дојче веле“.
На натпреварот учествуваат шест национални партии, 57 партии од индиските сојузни држави и 2.597 помали партии. Сепак, главната трка ќе биде меѓу двете најголеми политички партии во Индија: владејачката Индиска народна партија (БЈП) и опозицискиот Индиски национален конгрес (ИНЦ) или скратено Конгресната партија.
За да се спротивстави на владејачката БЈП и премиерот Моди, Конгресната партија формира сојуз од 28 партии, наречен Индиски национален развој – инклузивен сојуз.
Според анкетите, премиерот Моди и неговата хинду-националистичка БЈП се очекува да победат на изборите оваа година.
Моди е популарен лидер, делумно благодарение на агендата насочена кон хинду-мнозинството во Индија, кое сочинува 80 отсто од населението.
Свет
Русија повика на воздржаност помеѓу Израел и Иран
Русија повика на воздржаност по информациите за напад на Израел врз Иран.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави денеска за новинарите дека Русија ги проучува деталите за нападот и дека ќе го коментира кога ќе се разјасни неговата природа.
„Во секој случај, без разлика на сѐ, продолжуваме да се залагаме за воздржаност од двете страни за да нема дејства што би предизвикале натамошна ескалација на тензиите во регионот“, рече Песков.
Русија и Иран имаат блиско партнерство. За време на инвазијата на Украина, Москва користи беспилотни летала „Шахед“ од иранско производство.
Свет
(Видео) Туристи малтретирале мечиња за селфи, па ги фатила полиција во Северна Каролина
Во станбен комплекс во округот Бункомб, Северна Каролина, шест лица се снимени како влечат мали мечиња од гранките на дрвото за кои се држеле, а сè со цел да позираат за фотографија. Шестемина ги тегнеле двете мечиња, а едното дури им испаднало од рацете во текот на снимањето.
Кога снимките од инцидентот стигнале до експертите што се занимаваат со заштита на дивите животни, тие веднаш излегле на терен и повикале полиција. Меѓу нив бил и биологот Ешли Хобс, која за „Еј-би-си 13 њуз“ рекла дека кога пристигнала до дрвото каде што луѓето се фотографирале, пронашла само едно мече. Целото било влажно и смрзнато, па било дадено на човечка грижа и нега за да закрепне. Поради тоа, сосема е можно никогаш да не може да се вратат во дивината бидејќи мечките што растат со луѓе потоа не сакаат да ги напуштат. Неверојатно, но можно е некој да ѝ го уништил животот на мечката само за да добие убава фотографија за социјалните мрежи.
„Мечето преживеа големо трауматско искуство. На луѓето што го направија тоа им објаснивме колку е неодговорно и потенцијално смртоносно за мечето да се одвои од мајка си, а особено на овој начин да го влечат од дрвото“, рекла Хобс, пренесува „Унилад“.
По објавувањето на видеото, многумина се згрозиле од она што го направиле овие луѓе. За сето тоа морало да разговараат и со полицијата.