Свет
Ленин се обиде да го саботира Хитлер на локалните избори – во Перу
Политичките амбиции на Хитлер за малку ќе беа уништени од Ленин, кој овој месец поднесе жалба до изборната комисија. Не, ова не е некоја чудна пресметка во некоја паралелна реалност туку настан од изборите во Перу, објави РТ.
Хитлер Алба Санчез, или „добриот Хитлер”, како што сака да биде нарекуван, се кандидира за градоначалник во округот Јунгар во Анкаш во западниот дел на Перу како кандидат на политичката партија „Сомос Перу“. Сепак, еден локален жител по име Ленин (Ленин Владимир Родригез Валверде) се обидел да ја блокира кандидатурата на Хитлер, барајќи изборната канцеларија да ја отфрли неговата кандидатура зашто Хитлер, наводно, живее седум часа од општината со која сака да управува.
Барањето на Ленин било отфрлено, а Хитлер ќе се кандидира за функцијата без проблеми. Хитлер тврди дека ова било циничен заговор од опозицијата за да се збуни електоратот и да се заматат водите во жестоката трка за градоначалник.
„Опозицијата го употреби овој граѓанин за да создаде конфузија со историските револуционери со кои немаме никаква врска”, вели Хитлер.
Тој изјавил за локалното радио РПП дека името на озлогласниот нацистички лидер е тежок товар за носење, но дека успеал да го надмине во текот на својата кариера во локалната политика во Јунгар, каде што беше избран за градоначалник во 2011 и 2014 година под паролата „Хитлер е за народот” и „Хитлер е доверба”.
Иако „добриот Хитлер” не е обожавател на нацистичката идеологија, тврди дека имал афинитет кон германската култура и еднаш го цитирал германскиот поет и научник Јохан Волфганг фон Гете во пост на „Фејсбук“.
„Татко ми го избра името бидејќи звучеше невообичаено, но јас сум добар Хитлер”, објаснува тој.
Санчез признава дека откако дознал за историјата на Втората светска војна и за бруталната диктатура на Адолф Хитлер, размислувал да го промени своето име, но одлучил да го задржи зашто неговото семејство, пријателите и гласачите го препознале како такво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.