Европа
Макрон го загуби апсолутното мнозинство во парламентот, пратениците му бегаат
Емануел Макрон го изгуби своето мнозинство во Националното собрание на Франција кога група дезертери од неговата партија ЛЕРМ преминаа во новата левичарска групација, што е уште еден показател за неговото нестабилно раководство.
Седум пратеници најавија заминување од партијата ЛЕРМ на Макрон велејќи дека тие ќе се приклучат на новоформираната група „Екологија, демократија, солидарност“ (ЕДС), што сега ја сочинуваат 17 пратеници, кои бараат полевичарски политики.
„Јас сум левичар. За да останам таков, мора да го напуштам ЛЕРМ“, изјави пратеникот Аурелиен Таш за „Журнал ду диманш“.
ЛРЕМ останува само со 288 пратеници, па Макрон е еден пратеник помалку од 289-те потребни за апсолутно мнозинство во долниот дом на парламентот. Владата на Макрон, најверојатно, ќе може да се потпре на поддршката на центристичката МоЕдем, но загубата на мнозинството на Макрон ќе значи поголема моќ во однос на политиките за оваа партија.
Заминувањето на пратениците е уште еден удар за Макрон, кој се обидува да ја врати во колосек неговата запрена политичка агенда по неколкуте протести против неговите пензиски реформи, дестабилизирачките штрајкови во транспортот и повеќе од една година антивладини демонстрации на „Жолтите елеци“.
Како и многу светски лидери, пандемијата на Ковид-19 му овозможи на Макрон ненадејно зголемување на популарноста во март кога избувна кризата и владите беа принудени да дејствуваат брзо. Стапката на одобрување на Макрон се искачи на 46-51 отсто во текот на месецот.
Задоволството на францускиот лидер беше краткотрајно бидејќи неговиот рејтинг падна за осум поени, на 43 отсто, во април бидејќи многумина сега не се задоволни од неговото справување со здравствената криза, во која досега починаа повеќе од 28.000 луѓе во Франција.
Новата група ЕДС соопшти дека нема да застане на страната ниту на мнозинството ниту на опозицијата, туку ќе гласа според својата политичка агенда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.