Свет
Малдивите уништуваат британски статуи оценети како навредливи за исламот
Полицијата вооружена со копачи и со електричен алат уништила современо уметничко дело од еден познат британски скулптор на Малдивите кога претседателот во заминување на овој туристички рај изјавил дека уметничката инсталација е навредлива за исламот, пренесува „Брејтбарт“.
Абдула Јамин нареди скулптурите да бидат уништени уште во јули, но неговата наредба не беше спроведена до петокот пред претседателските избори што ги загуби од либералниот кандидат. Серијата статуи од Џејсон де Кеирес Тејлор беа поставени во полупотопена метална коцка во јули во едно одморалиште на Малдивите, архипелаг на кој живеат 340.000 сунитски муслимани.
Исламот, официјалната религија на Малдивите, го забранува прикажувањето идоли, а делото предизвика критики од свештениците иако статуите немаат религиозни симболи или значења. Јамин во јули рече дека јавното чувство против уметничкото дело, познато како „Коралариум“, ја поттикнало неговата одлука да го уништи.
Не е јасно зошто скулптурите не беа отстранети од водите до петокот. Полицијата беше фотографирана додека ги отстрануваше од големиот и раскошен кафез во кои беа сместени.
„Бев шокирана и скршена кога дознав дека моите скулптури биле уништени од властите на Малдивите и покрај континуираните консултации и дијалог. ‘Коралариумот’ беше создаден за поврзување на луѓето со животната средина и негување на просторот за морскиот живот да напредува. Ништо друго! Малдивите сè уште се убави, со топло и пријателско население, но ова беше тажен ден за уметноста и тажен ден за животната средина“, изјави Де Каирес Тејлор.
Увозот на статуи е забранет на Малдивите. Забранети се дури и статуите на Буда и покрај долгото наследство на будизмот на островите пред исламот да доминира во архипелагот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД презедоа нови чекори за да се осигураат дека американската технологија за оружје нема да заврши во Русија
„САД побараа од американските компании да престанат да доставуваат стоки на повеќе од 600 субјекти во странство поради стравувањата дека нивните производи би можеле да бидат пренасочени во Русија и да се користат во инвазијата на Украина“, изјави вчера американски функционер.
Американското Министерство за трговија издаде писмени предупредувања до најмалку 20 компании во последните недели, што е последен обид да се запрат руските воени напори во Украина, изјави претставник на Министерството за трговија.
Имено, овие компании произведуваат и продаваат компоненти пронајдени во проектили и дронови на украинска територија.
Откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, САД и повеќе од 30 други земји воведоа серија санкции со цел да ги ослабат руските борбени способности за да го спречат пристапот до западната технологија. Сепак, американските компоненти сè уште се наоѓаат во руското оружје оставено на бојното поле во Украина, забележува Ројтерс.
„Во последните неколку недели испративме писма на адресите на повеќе од 20 американски компании, а секоја содржи список со повеќе од 600 странски субјекти“, рече помошникот државен секретар Метју Акселрод на годишната конференција за контрола на извозот.
„Во нашите писма баравме американските компании доброволно да престанат да снабдуваат стоки за овие земји поради високиот ризик од нивно пренасочување кон Русија“, истакна Акселрод.
Акселрод рече дека одредени американски претставници, исто така, директно контактирале со лидерите на американските компании за да разговараат за понатамошните чекори што може да се преземат за да се спречи нивните производи да завршат во Русија.
Регион
Почна нова детална потрага по Данка, пристигнаа спасувачки екипи со куче
Две специјалистички спасувачки екипи од Белград и Нови Сад, Одделот за вонредни состојби на МВР на Србија, синоќа пристигнале во Бањско поле и рано утринава започнале детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезнало двегодишното девојче.
Екипите се состојат од 18 пожарникари-спасувачи со 5 теренски возила и едно куче.
Припадниците на српската полиција во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на девојчето и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување, информираат од Министерството за внатрешни работи на Србија.
Што правеа багерите вчера околу куќата од каде што исчезна Данка
Вчера околу куќата каде исчезна Данка во Бањско поле имаше два багери.
Според Телеграф.рс, багерите првенствено работеле на расчистување на теренот бидејќи куќата била опкружена со депонија, па полицијата за полесни претреси го расчистува просторот од гломазен и друг отпад.
„Сечат дрвја и го отстрануваат отпадот бидејќи околу куќата има депонија“, јави репортер од местото на настанот.
Европа
Голем руски напад врз Украина, Полска ги подигна борбените авиони
Руските сили рано утринава ја напаѓаа инфраструктурата во областа Камјанск во близина на украинскиот град Днипро, при што е повредено најмалку едно лице, изјави регионалниот гувернер, додека медиумите во Суспилна објавија дека има експлозии и во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки.
„Непријателот ја нападна критичната инфраструктура во регионот. Главна цел на непријателот е нашиот народ и виталните места за населението“, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Дњепропетровск, Серхиј Лисак.
Лисак не објасни за каков напад станува збор, но коментаторите на Телеграм известија за употребените проектили и експлозиите во областа. Исто така, наводно имало и прекин во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите од областа. Украинските медиуми јавуваат дека експлозии се слушнале и во Лавов, град на крајниот запад на Украина.
Медиумската куќа Суспилна објави за руски крстосувачки ракети во украинскиот воздушен простор и експлозии во регионите Ивано-Франковск и Хмелницки и градот Днипро, додавајќи дека не е познато дали проектилите погодиле некоја цел.
Руските сили извршија големи напади врз објектите на енергетската инфраструктура во последните неколку недели, вклучувајќи го и масовниот напад на 22 март, кој Киев го опиша како најголем таков напад од инвазијата на московските сили во февруари 2022 година.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полските и сојузничките авиони биле активирани рано утринава откако Русија извршила ракетни напади врз Украина.
„Полските и сојузничките авиони летаат во полскиот воздушен простор, што може да резултира со зголемени нивоа на бучава, особено во југоисточниот дел на земјата“, објави командата на социјалната платформа „Икс“.
Југоисточниот дел на Полска се граничи со Украина, додаде Ројтерс.