Свет
Махмуд Абас: Палестина се повлекува од сите договори со Израел и САД
Претседателот на Палестинската Самоуправа, Махмуд Абас, соопшти дека неговата земја ќе ги прекине сите договори со Израел и САД поради плановите за анексија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесува РТ.
„Палестинската ослободителна организација и државата Палестина се ослободени од сите договори и разбирања со американската и израелската влада и на сите обврски засновани врз овие сфаќања и спогодби, вклучително и безбедносните“, рече Абас на лидерската средба во Рамалах.
Најавата доаѓа како одговор на плановите на Нетанјаху за анексија на еврејските населби на Западниот Брег, кои беа наведени во договорот на векот, предложен од американскиот претседател, Доналд Трамп, и објавен во јануари.
Абас јасно стави до знаење дека го гледа Израел како окупаторска сила кога станува збор за Западниот Брег.
„Израелската окупаторска власт сега мора да ги носи сите свои обврски како окупаторска моќ на палестинските територии. Таа мора да ги сноси сите последици, а меѓународното хуманитарно право и Женевската конвенција исто така и наметнуваат на окупаторската власт одговорност да се грижи за жителите што се под окупација“, рече Абас.
Меѓу договорите што Палестинската Самоуправа ги смета за ништовни се спогодбите од Осло (1993), договорот за Хеброн (1997) и договорот за реката Виј (1998), со кои се воспоставија безбедносни параметри помеѓу Палестинската Самоуправа и Израел на Западниот Брег.
Абас го задржа обвинувачкиот тон и за САД нарекувајќи ги клучен партнер на Израел и рече дека ѝ ја префрла целосната одговорност на администрацијата на Трамп за окупацијата на палестинскиот народ.
Се чини дека САД ги поддржуваат плановите за анексија од страна на Израел. Државниот секретар, Мајк Помпео, изјави минатиот месец дека тоа, на крајот од краиштата, е одлука на Израел, но американските лидери ќе се консултираат приватно со израелската влада ако се спроведе планот.
Предложениот договор на Трамп да им се даде условна независност на Палестинците беше критикуван за фаворизирање на Израел и беше отфрлен од Палестина и осуден од арапските и од европските земји. Планот вклучува територијални промени во корист на Израел во Ерусалим и на Западниот Брег, анектирани од Јордан во 1949 година и преземени од Израел во војната во 1967 година.
Абас претходно го отфрли договорот велејќи му на Трамп: „Нашите права не се на продажба“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.
Европа
Лавров: Москва се уште инсистира на вистинска руска Украина
По повеќе од две години интензивна војна во Украина, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска го потврди тврдењето на Москва дека полага право да владее над соседната земја.
„Во најдобар случај, иднината на западна Украина е непозната“, рече Лавров во интервјуто во Москва за неколку руски телевизиски станици.
„Во спротивно ќе има само Украина која е навистина руска, која сака да биде дел од рускиот свет, која сака да зборува руски и да ги образува своите деца“, рече тој.
Не станува збор за каква било алтернатива, смета Лавров, кој е министер за надворешни работи од 2004 година и е лојален поддржувач и доверлив човек на претседателот Владимир Путин.
Русија не сака да ги напаѓа земјите на НАТО, како што се тврди на Запад за да ги исплаши гласачите, рече Лавров. „Но, ако сакаат да го донесат НАТО до нашите граници, тогаш секако дека ќе знаеме како да го спречиме тоа во Украина“, рече тој.
Како и другите високи членови на руското раководство, Лавров рече дека Русија е подготвена за преговори со Украина, но само под посебни услови.
Нема да има прекин на огнот за време на можните преговори, разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски се бесмислени, а Киев мора да се откаже од својата формула за мир, рече тој.
Во есента 2022 година, Зеленски презентираше десет точки за мир, меѓу кои се издвојуваат повлекувањето на руската армија, реконструкцијата и компензацијата и гонењето на воените злосторници.