Свет
Мајка и ќерка обвинети за убиство на петмина роднини во Пенсилванија
Мајка и ќерка се обвинети за убиство на петмина родинини со кои живееле во ист стан во Пенсилванија, САД. Од морничавиот настан се спасил само осмиот станар во куќата на стравот, 17-годишното момче Џошуа, кој престојувал кај пријатели.
Случајот бил откриен кога социјален работник дошол да го посети семејството. Тој тропал на вратата, но кога никој не му отворил, влегле внатре со полициска асистенција. Надлежните биле шокирани од глетката. Целиот стан бил во неред, скршено стакло имало насекаде, мебелот бил превртен, а во спалната соба биле пронајдени пет мртви тела. Една жена и тинејџерка биле пронајдени на креветот, сè уште биле живи, но дезориентирани. Тие имале повреди на вратот и веднаш биле пренесени во болница.
Иако првично тврделе дека непознати лица влегле во станот и го извршиле убиството, подоцна ја смениле својата изјава. Сепак, полицијата утврдила дека мајката Шана Декри (45) и нејзината ќерка Доминик (19), најверојатно, ги убиле своите петмина роднини со кои заедно живееле. Тие се обвинети за кривично дело убиство и едно обвинение за заговор за смртта на своите роднини.
Шана пред полицијата тврдела дека сите во станот зборувале за самоубиство и дека сакале да умрат. Мајката е обвинета за смртта на своите деца Налрах (25) и Дејмон (13). Таа заедно со ќерка си е обвинета и за смртта на својата сестра Џамила Кембел (42) и на нејзините ќерки близначки Ерика и Имани Ален (9).
Полицијата сè уште ги истражува причините за убиствата. Нема други осомничени за настанот. Мајката и ќерката се наоѓаат во казнено-поправен дом.
Осмиот член на семејството, кој живеел во станот, синот на Џамила Кембел, не бил пронајден веднаш, но подоцна полицијата го лоцирала кај пријатели во Њу Џерси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.