Европа
Мајкрософт ја зголеми безбедноста пред европските избори
Мајкрософт ги објави своите планови да помогне во борбата против хакерство и ширењето лажни информации пред претстојните избори за Европскиот парламент, велејќи дека ќе ја засили својата сајбер-безбедносна заштита на 12 нови пазари во Европа.
Microsoft AccountGuard, услугата за сајбер-заштита на компанијата, веќе е претставена во Канада, Ирска, Велика Британија и САД, но одлуката истата да се прошири низ поголем дел од Европа беше донесена по нападите врз јавните институции во текот на изборните периоди.
„Овие напади не се ограничени на самите кампањи и често се насочени кон политички институти и непрофитни организации кои работат на теми поврзани со демократија, изборен интегритет и јавни политики и кои често доаѓаат во контакт со владини службеници“, се вели во изјавата на „Мајкрософт“.
Компанијата додаде дека неодамна бил откриен напад насочен кон вработените во германскиот Совет за надворешни работи и европските канцеларии на Институтот ‘Аспен’ и германскиот Маршалов фонд“.
Неодамнешните напади, кои се случија во период од четири месеци на крајот од минатата година, се верува дека биле извршени од хакерската група „Стронциум“.
Иако од „Мајкрософт“ велат дека ја сфаќаат својата одговорност во борбата против хакерските и кампањите за ширење дезинформации, тие истакнаа дека не можат сами да се справат со проблемот“.
Во вторникот „Твитер“, исто така, се обврза да се бори против дезинформациите пред европските избори во мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Аудио) Кралот Чарлс ја испрати првата јавна порака по дијагнозата на здравјето на Кејт
Порака од кралот Чарлс беше емитувана денеска по повод годишната служба на Величетврток.
Аудиообраќањето на Чарлс беше емитувано на собранието во катедралата „Ворчестер“ во негово отсуство поради тековното лекување на ракот на монархот.
Тој им порача на сите „да ја подадат раката на пријателството“.
„Актот на богослужба, овде во катедралата ‘Ворчестер’, ме потсетува на заклетвата што ја дадов на почетокот на моето крунисување да го следам примерот на Христос ‘да не ми служат, туку да служам’“, рече кралот.
„Тоа е она што секогаш се трудев да го правам и правам со целото мое срце“, додаде тој.
Кралот дојде на тронот пред 18 месеци, а на почетокот на годината му беше дијагностициран рак поради што беше подложен на хемотерапија.
Европа
Заменик-началникот на генералштабот: Британија може да се бори со Русија само 2 месеца
Британските вооружени сили мора да управуваат со оперативниот ризик, што произлегува од недостигот на ресурси што би сакале да ги имаат во идните војни, пишува „Телеграф“.
Информациите се појавија откако Грант Шапс, министерот за одбрана, им рече на пратениците дека лобирал кај премиерот, Риши Сунак, и министерот за економија и финансии, Џереми Хант, повеќе пари во буџетот да се потрошат за одбраната, но не успеал да обезбеди зголемување.
За време на сослушувањето пред пратениците во Комитетот за одбрана на долниот дом, висок офицер на кралските маринци рече: „Ние бевме многу јасни дека сумата што моментно ја трошиме за муниција не ги покрива трошоците во сите области и заканите со кои се соочуваме“.
„Бевме јасни дека треба да потрошиме повеќе пари над буџетот, на она што го нарекуваме интегрирани противвоздушни ракети“.
На прашањето на Марк Франсоа, поранешен министер за вооружени сили, дали е вистина оти Обединетото Кралство „не може да се бори со Владимир Путин повеќе од неколку месеци во целосна воена ситуација поради недостиог на резерви муниција и опрема, Шапс додаде дека секој таков конфликт ќе се води заедно со сојузниците од НАТО, кои заедно би можеле да ја совладаат Русија, наместо само Велика Британија.
„За луѓето што гледаат и слушаат дека Велика Британија не е подготвена за војна исклучиво со Русија, важно е да разберат дека сме во НАТО и постои меѓусојузнички одбранбен договор Член 5, така што никогаш не би биле во таква ситуација“.
Во еден извештај пратениците рекоа дека на вооружените сили им требаат повеќе средства за „учество во операции додека развиваат воена готовност“ или ќе мора да го намалат „оперативниот товар“ на војската.
Поранешните воени началници на комитетот му кажаа дека вооружените сили се ослабени од 2010 година и дека „во конфликт со еднаков противник тие ќе бидат исцрпени по првите неколку месеци од распоредувањето“.
Шапс исто така им рече на пратениците дека лекциите научени од војната во Украина ја покажале важноста на војната со беспилотни летала бидејќи е смртоносна и евтина.
„Ова во Украина е веројатно првата вистинска војна со беспилотни летала и мислам дека никогаш повторно нема да видиме војна која не вклучува тешка употреба на беспилотни летала“, рече тој.
Минатиот месец Обединетото Кралство објави дека, заедно со Латвија, ќе ја предводи новата коалиција за испорака на илјадници беспилотни летала „камикаѕе“ во Украина во услови на растечки недостиг на муниција на фронтот.
„Дроновите ги нарушуваат нормалните факти за војната. Обично секоја генерација станува поскапа за да има смртоносен ефект, но всушност беспилотните летала, кои понекогаш чинат неколку илјади фунти, може да бидат крајно смртоносни“, рече Шапс.
Сепак, тој предупреди дека „основното војување и муницијата“ остануваат важни во секој иден конфликт.
Европа
Кремљ за евентуалното блокирање на „Телеграм“: „Сè повеќе станува алатка во рацете на терористите“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека во моментот не се планира блокирање на социјалната мрежа „Телеграм“ во Русија.
„Не, во моментот нема такви планови“, изјави Песков за каналот „Шот“ на прашањето дали Русија планира да го блокира „Телеграм“.
Тој додаде дека основачот на оваа платформа, Павел Дуров, треба повеќе да внимава како се користи оваа социјална мрежа.
„Секако, би очекувале поголемо внимание од Павел Дуров бидејќи овој уникатен и феноменален ресурс од технолошки аспект, кој порасна, всушност, пред очите на нашата генерација сè повеќе станува алатка во рацете на терористите, се користи за терористички цели“, рече портпаролот на Кремљ, пренесува „РИА новости“.
Како што изјави во средата за „РИА новости“ извор запознаен со ситуацијата, сторителите на терористичкиот напад во предградието на Москва биле регрутирани преку каналот на „Телеграм“, „Глас Хорасан“, сопственост на авганистанското крило на Исламската држава.
Пратеникот на државната Дума од Обединета Русија, Олег Морозов, денеска оцени дека е неопходно да се развие механизам за автоматско блокирање на каналите на „Телеграм“, кои регрутираат терористи користејќи клучни зборови користејќи вештачка интелигенција.