Свет
Вирусот добива ново име – „Да бев мајмун, би протестирал, тоа навистина не е мајмунска болест“
Мајмунските сипаници наскоро би можеле да добијат ново име бидејќи постоечкото поттикнува дискриминација и стигматизира.
Светската здравствена организација минатата недела објави дека работи со „партнери и експерти од целиот свет за да го преименува името на вирусот на мајмунските сипаници и неговите соеви“.
Овие соеви се особено контроверзни бидејќи се именувани по африканските региони.
Минатата година СЗО одлучи да ги именува сите варијанти на Ковид по буквите од грчката азбука за да не ги стигматизира местата каде што првпат се појавија.
Само неколку дена пред СЗО да објави дека ќе го промени името на мајмуните сипаници, група научници во јавно писмо повикаа на „итна потреба да се воведе недискриминаторска и нестигматизирачка номенклатура“ на вирусот.
Во писмото, потпишано и од неколку африкански научници, конкретно се предупредува на „западноафриканските“ и „централноафриканските“ соеви на вирусот мајмунски сипаници. Оваа година се пријавени повеќе од 2.100 заразени со мајмунски сипаници, од кои 84 отсто се во Европа, 12 отсто во Северна и Јужна Америка и само три отсто во Африка.
Тоа не е мајмунска болест
Ојевеле Томори, виролог на Универзитетот Redeemer во Нигерија, поддржува промена на името на видовите на мајмунски сипаници.
„Дури и називот мајмунски сипаници е погрешен“, изјави тој за АФП. „Да бев мајмун, би протестирал. Тоа навистина не е мајмунска болест“.
Вирусот е наречен така затоа што бил откриен меѓу мајмуните во данска лабораторија во 1958 година, но луѓето главно биле заразени со него од глодари. Постоечката епидемија е невообичаена во смисла дека се шири исклучиво преку контакт човек на човек“, вели Оливие Рестиф, епидемиолог од Кембриџ.
„И затоа е фер да се каже дека постоечката епидемија има малку врска со Африка, исто како што брановите Ковид и неговите варијанти имаат малку врска со азиските лилјаци, од каде што првично потекнуваше“, додаде тој.
Стигматизација на Африка
За промената на името се согласува и Мозес Џон Бокари од Универзитетот Нјала во Сиера Леоне. „Мајмуните најчесто се поврзуваат со Африка“, рече тој.
„Дополнително, постои долга и темна историја на споредување на црнците со мајмуните. Ниту едно име на болеста не треба да биде поттик за тоа“. Рестиф нагласува дека оваа дебата е „дел од поширокото прашање за стигматизирање на Африка како извор на болести“.
„Го видовме ова со ХИВ во 1980-тите и за време на епидемијата на ебола во 2013 година“, изјави тој за АФП.
СЗО ќе објави нови имиња за мајмунските сипаници што е можно поскоро, рече првиот човек на организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Светската здравствена организација во саботата одлучи дека болеста, иако причина за загриженост, сепак не претставува глобална здравствена криза.
„Длабоко сум загрижен за епидемијата на мајмунски сипаници, тоа е очигледно закана што се развива и моите колеги и јас внимателно ја следиме“, рече Тедрос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Три сантиметри снег на Копаоник
На Копаоник се измерени три сантиметри снег, соопштија вечерва за агенцијата Бета во локалната метеоролошка станица.
Врне снег со слаб интензитет и со повремени прекини.
Температурата е минус три Целзиусови степени, а во моментов дува северен ветер со брзина и до три метри во секунда.
Свет
Столтенберг свика кризен состанок на Советот НАТО
На барање на Украина, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за овој петок закажа состанок на Советот НАТО-Украина.
Главна тема на вонредниот состанок ќе биде потребата на Украина од повеќе системи за противвоздушна одбрана и артилериски гранати, изјави Столтенберг во Брисел.
На состанокот треба да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО. Дали средбата ќе биде организирана преку видео конференција или со физичко присуство, првично не се знае.
Свет
Русија ги повлекува војниците од Нагорно Карабах
Руските воени мировни трупи се повлекуваат од Нагорно-Карабах, потврдија официјални лица од двете земји.
Руските мировници се таму од крајот на ерменско-азербејџанската војна во 2020 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги потврди извештаите за повлекувањето пред новинарите, но не даде детали.
Веста за повлекувањето ја потврди и азербејџанскиот министер за надворешни работи Хикмет Хаџиев, додавајќи дека двете земји се договориле за тоа.
Хаџиев не објасни зошто војниците се повлекуваат, но се чини дека нивното присуство е излишно откако Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот минатата година.
Во првата половина на 1990-тите, Нагорно-Карабах беше во фокусот на меѓуетничката војна по распадот на Советскиот Сојуз, во која и Ерменија и Азербејџан беа федерални единици.
Тој регион тогаш беше под целосна контрола на бунтовничките Ерменци до војната во 2020 година, кога Азербејџан ја врати контролата врз некои од неговите делови. Таа војна заврши со прекин на огнот и распоредување на 2.000 руски војници во деловите на Нагорно-Карабах кои останаа под ерменска контрола.