Европа
Медведев: Кој вели дека Украина ќе постои за две години
Дмитриј Медведев, долгогодишен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, утринава на својот канал „Телеграм“ објави порака која дава увид во актуелното размислување на високите руски кругови за ситуацијата во Украина.
Во тој процес, Медведев ја доведе во прашање побарувачката на Украина за гас оваа зима, со можност за одложување на плаќањата за две години.
„Ја видов пораката дека Украина сака да добие течен природен гас од своите странски сопственици со плаќање за испорака за 2 години. Во спротивно, едноставно ќе замрзне следната зима. Само прашање. А кој рече дека за две години Украина дури и ќе постои на мапата?“ Иако на Американците веќе не им е грижа – тие толку многу инвестираа во антирускиот проект што сè друго за нив е ситница“, рече Медведев.
Ова е далеку од првпат Медведев да провоцира со своите објави. Тој пред една недела објави криптична порака на „Телеграм“.
„Често ме прашуваат зошто моите публикации во Телеграм се толку груби. Одговорот е дека ги мразам. Тие се копилиња и изроди. Тие сакаат смрт за нас, Русија. И додека сум жив ќе направам сè да исчезнат“, изјави Медведев.
Во мај Медведев исто така предупреди дека снабдувањето со оружје на Украина ја зголемува веројатноста за конфликт меѓу Русија и НАТО, што може да се претвори во нуклеарна војна, пренесе „Блиц“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.