Свет
Медлин Олбрајт назначена за претседател на Комитетот за одбранбена политика на САД
Поранешниот државен секретар Медлин Олбрајт положи заклетва како нов претседател на Комитетот за одбранбена политика, соопшти Пентагон, речиси точно една година откако администрацијата на Трамп ненадејно ги отстрани неа и другите експерти за национална безбедност од советодавниот комитет.
Олбрајт е првата претседателка на одборот откако министерот за одбрана Лојд Остин започна ревизија на советодавните комитети на Пентагон претходно оваа година.
На почетокот на февруари Остин отпушти стотина членови на 42 одбори и комитети на одделот, вклучително и контроверзни членови назначени во деновите на администрацијата на Трамп во опаѓање, јавуваат американските медиуми.
Сега, една година откако беше отстранета од Комитетот за одбранбена политика, 84-годишната Олбрајт ќе се врати на функцијата претседател. Таа беше првата жена државен секретар од 1997-2001 година.
„Под раководство на секретарот Остин, Одделот се прилагодува на променливата природа на војувањето и работи да остане пред сите потенцијални противници“, се вели во соопштението на Олбрајт.
„Со нетрпение очекувам да соработувам со моите колеги во ДПБ за да им понудиме наши независни совети за низа политички прашања со кои се соочува Одделот“, додаде Олбрајт.
Комитетот за одбранбена политика е надворешна советодавна група составена од поранешни високи функционери за национална безбедност кои на министерот за одбрана и заменик-министерот за одбрана му даваат независни совети и мислења за прашањата на одбранбената политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пожар во Атина: Се запали станбена зграда, пет противпожарни возила на лице место
Пожар избувна на високо приземје на станбена зграда во атинската населба Ризуполи. Како што јави грчкиот јавен сервис ЕРТ, на лице место излегле 16 пожарникари со пет возила.
Мобилизирани се и два камиони со скали, доколку е потребно да се евакуираат станарите од горните катови.
Свет
Лидерот на Хамас пристигна во Истанбул, ќе се сретне со Ердоган
Лидерот на Хамас, Исмаил Ханија денеска е во Истанбул на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, кој го поддржува палестинското движење.
Ердоган синоќа ја потврди посетата, нивна прва средба лице в лице од јули 2023 година, но беше многу дискретен за нејзината цел. „Да ја зачуваме агендата за нас и господинот Ханија“, им рече тој на новинарите.
Ќе се разговара за војната во Појасот Газа, соопшти Хамас.
Ханија вчера вечерта пристигна во Истанбул на чело на делегацијата на неговото движење.
Тој град е едно од неговите места на живеење од 2011 година, но од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, тој бил таму само еднаш официјално, во јануари. Потоа се сретна со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, со кого во средата во Доха имаше долг разговор.
Фидан денеска ќе се сретне со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри.
Турција, која сака да биде лидер во поддршката на палестинското прашање, дава цврста и постојана поддршка на претставниците на Хамас, но остана на страна во посредувањето меѓу Израел и палестинското движење.
Посетата на Ханија на Турција доаѓа во време кога Катар, кој игра клучна улога во разговорите меѓу Израел и Хамас, сака да ја „преоцени“ својата улога во застојот на разговорите за прекин на огнот и ослободувањето на израелските заложници.
Свет
Бројот на палестинските жртви во Појасот Газа надмина 34.000
Најмалку 34.049 Палестинци се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство на палестинската енклава.
Во соопштението се додава дека во овој период биле ранети 76.901 лице.
Во текот на претходните 24 часа загинаа 37 Палестинци, а 68 беа повредени, се наведува во објавата.