Европа
Меркел: Вечерва нѐ очекува тешка работа околу именувањето на првите луѓе во ЕУ
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека вечерашниот избор на кандидати за водечките позиции во Европската унија ќе биде тежок и оти е потребно повеќе време.
„Ќе се обидеме да бидеме конструктивни, но неопходно е да избегнеме конфликт помеѓу Европскиот совет и Парламентот“, порача Меркел.
Меркел пристигнувајќи на вечерашниот вонреден самит на ЕУ во Брисел, изјави дека целта е Европскиот совет да дојде до предлог кој ќе го достави до Европскиот парламент, а ќе се однесува на изборот на новиот претседател на Европската комисија и останатите водечки позиции во рамки на институциите на ЕУ.
„Како што стојат работите, тое нема да биде лесно. Парламентот, односно двете најголеми фракции, инсистираат на принципот на водечки кандидат. Истовремено, најголемата фракција, Европската народна партија нема доволно мнозинство“, оцени Меркел и додаде дека Доналд Туск вечерва ќе има тешка работа.
Таа претходно изјави дека владејачката коалиција во Германија, на чиешто чело е таа, го поддржува кандидатот на Европската народна партија, Манфред Вебер, како кандидат на политичка група која освоила најголем број гласови на претходните европски избори.
На таквиот принцип на водечки кандидат, што го поддржува и Европскиот парламент, се спротивставуваат земјите членки, пред се Франција, кои инсистираат, според одредбите од Договорот за ЕУ, да имаат главна улога во изборот на водечките луѓе во институциите на ЕУ.
Одлуката што ќе ја донесе Европскиот совет ќе мора да помине на гласање во Европскиот парламент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.