Европа
Меркел нервозна, Путин го игнорирал сигналот што му го испратила во врска со Навални
Случајот со лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, кој лежи во кома во германска болница, би можел да биде капка што ја прелеа чашата на Ангела Меркел.
Бидејќи лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, лежи во индуцирана кома само неколку минути од канцеларијата на германската канцеларка во Берлин, Ангела Меркел сè повеќе се нервира поради рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Блумберг“.
Германската лидерка – која е клучен спроводник на Западот за рускиот претседател – е фрустрирана што Путин не покажал флексибилност во случајот на Навални, велат две официјални лица запознаени со нејзиното размислување, кои побарале да бидат анонимни.
Меркел секогаш внимателно го избира својот тон кон Русија, но тој се засили. Помалку од два часа откако лекарите во Берлин утврдиле дека Навални, истакнат критичар на Путин, е веројатно отруен, Меркел побарала Путин итно да го испита тоа и да ги идентификува оние што се вмешани.
Според тие официјални лица, брзината со која реагирала Меркел требало да му испрати сигнал на Кремљ колку сериозно Меркел го сфаќа тоа прашање.
Како и да е, како што наведува „Блумберг“, германската канцеларка сега може малку да стори кога станува збор за Путин. Целата осуда поради руската анексија на Крим не ги промени фактите на теренот, иако Путин беше исклучен од Групата осум најмоќни држави.
А со тоа што американскиот претседател, Доналд Трамп, се занимава само со предизборната кампања и со фактот дека последниот мандат на Меркел се ближи кон крајот на следната година, Путин може да си даде право да се однесува без страв од одмазда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.