Свет
Москва му помага на Пекинг да изгради систем за предупредување за ракетен напад
Системот за предупредување за ракетен напад, што Москва му помага на Пекинг да го изгради, драстично ќе ги зголеми одбранбените способности на Кина, рече рускиот претседател Владимир Путин истакнувајќи дека само Русија и САД во моментот имаат таква технологија, пренесува РТ.
„Мислам дека нема да откријам огромна тајна. Како и да е, ќе стане јасно. Ние сега им помагаме на нашите кинески партнери да создадат систем за предупредување за ракетен напад“, им рече Путин на гостите од висок профил на 16. состанок на тинк-тенкот „Валдај дискашн клаб“ во црноморското одморалиште Сочи.
Путин ги потсети присутните дека Русија и САД се единствените две земји во светот во моментот вооружени со вакви системи. Системот за предупредување за ракетен напад комбинира копнени радари и сателитски во орбитата на Земјата, кои детектираат лансирање балистички ракети и ја пресметуваат нивната траекторија. Податоците потоа се пренесуваат до командниот центар, каде то може да се донесе одлука за тоа како да се одврати нападот и да се одговори на него.
Рускиот лидер исто така рече дека потиснувањето на Кина е невозможно по дефиниција осврнувајќи се на трговската војна на Вашингтон и Пекинг, на американските патролни мисии во Јужнокинеското Море и другите слични потези на САД.
„Оние што прават такви деконструктивни и штетни обиди само себеси ќе си нанесат штета“, предупреди Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Наставниците во Тенеси ќе можат да носат пиштоли на училиште
Пратениците во американската сојузна држава Тенеси усвоија закон со кој на наставниците во државата ќе им се овозможи да носат скриени пиштоли на училиште. Нацрт-законот беше одобрен со 68-28 гласови во Претставничкиот дом на Тенеси, во кој доминираат републиканците. Државниот Сенат го усвои законот претходно овој месец.
Тенеси има жестока дебата за законите за оружје по минатогодишното пукање во училиште во Нешвил во кое загинаа три деца и тројца возрасни членови на персоналот. Некои од демократите во Претставничкиот дом помогнаа во водењето на протестите во главниот град, што доведе до нивно кратко протерување од законодавниот дом минатата година.
„Ова е ужасен ден за Тенеси, нашите деца, нашите наставници и нашите заедници“, напиша на социјалните мрежи Џастин Пирсон, демократ кој беше исфрлен од Домот минатата година, а потоа беше реизбран. „Наместо да ги заштитат децата, тие пак ги заштитија пиштолите!“
Републиканците и другите конзервативци честопати повикуваат на вооружување на наставниците како одговор на бројните престрелки во училиштата што се случија во САД во последните 25 години. Поддржувачите на овие мерки тврдат дека вооружените наставници ќе ги одвратат потенцијалните пукања во училиштата.
Противниците велат дека оружјето во училиштата веројатно ќе доведе само до трагични случајни престрелки.
Околу половина од сите американски држави им дозволуваат на наставниците или другите вработени во училиштата да носат огнено оружје на училишни терени, според Правниот центар Гифордс, група за безбедност на оружје. Според законот на Тенеси, секое лице кое сака да носи скриен пиштол на училиште мора да заврши најмалку 40 часа полициска обука. Трошоците за обуката заедно со огненото оружје се на товар на поединецот.
Според предлог-законот, идентитетот на наставникот или член на персоналот кој носи оружје нема да биде јавен. Директорите на училиштата мора да дадат одобрение за лице да носи оружје, а началниците на локалната полиција мора да бидат информирани за идентитетот на носителот.
Регион
Во БиХ уапсени 14 криумчари, превезувале мигранти во Хрватска, заработиле 3 милиони евра
Припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина уапсија 14 лица под сомнение дека организирале мрежа на криумчари на илегални мигранти преку границата со Хрватска. Акцијата под кодното име „Пирамида“ координирана од Обвинителството на БиХ беше спроведена на 16 различни локации низ земјата.
Како што беше утврдено во досегашната истрага, уапсените организирале илегално преминување на границата на најмалку 600 лица, од кои стотина се деца.
„Според прелиминарните податоци, оваа меѓународна организирана криминална група во изминатите шест месеци остварила финансиска корист од повеќе од шест милиони конвертибилни марки (три милиони евра)“, се вели во полициското соопштение.
Разбивањето на оваа мрежа на трговци со луѓе беше спроведено заедно со Управата за криминалистичка полиција на МВР на Република Хрватска и Европол и со учество на припадници на Агенцијата за разузнавање и безбедност на Босна и Херцеговина (ОСА).
Граничната полиција на БиХ наведува дека продолжува да презема мерки за спречување на шверцот на луѓе, особено против организираните криминални групи. Потсетуваат дека во првите три месеци од годинава полициски службеници и граничари до обвинителството поднеле 83 пријави против 177 лица поради постоење основи на сомнение дека сториле 110 кривични дела криумчарење луѓе.
Регион
За европските избори во Хрватска беа пријавени 25 листи, осум помалку од 2019 година
Државната изборна комисија (ДИК) до крајниот рок доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година.
Во недела на 9 јуни ќе се одржат избори за Европскиот парламент во Хрватска, а ќе се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.
Со поднесување на списокот и официјално започнува изборната кампања која ќе трае до 7 јуни кога ќе започне изборниот молк.
Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори.