Свет
Намерата на Анкара да распореди руски С-400 би можелa да резултира со санкции од САД
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Морган Ортагус, во понеделникот за „Ројтерс“ изјави дека САД продолжуваат силно да се противат на купувањето и активирањето на рускиот ракетен систем С-400 од страна на Турција, додавајќи дека тоа може да резултира со санкции за земјата преку примена за Законот за борба против противниците на Америка преку санкции (CAATSA).
„Продолжуваме да нагласуваме на највисоко ниво дека купувањето на системот С-400 е предмет на тековните разговори за санкции согласно CAATSA и тоа останува голема пречка во билатералните односи со Турција и во НАТО. Убедени сме дека претседателот Ердоган и неговите функционери ја разбираат нашата позиција “, рече Ортагус.
Според неименуван висок турски функционер, потребата земјата да се фокусира на забавување на пандемијата на коронавирус, само го одложила, но не го откажала имплементирањето на новиот систем за противракетна одбрана С-400.
„Нема повлекување на одлуката за активирање на С-400, но поради Ковид-19 ќе биде одложен планот за нивна подготвеност во април“, рече тој, а пренесува „Ројтерс“.
САД тврдат дека системите С-400 што Москва ѝ ги предаде на Турција во јули 2019 година, се некомпатибилни со одбраната на НАТО и би го загрозиле договорот со Турција за набавка на американски борбени авиони од петтата генерација Ф-35. Наместо С-400, САД во повеќе наврати бараа Турција да го купи системот за воздушна одбрана „Патриот“ изработен од САД.
Анкара одби да направи какви било отстапки во врска со купувањето на С-400. Претходно во март, претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека С-400 ќе влезе во употреба во Турција во април.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.
Свет
(Видео) Пратеник во ЕУ пушти гулаб во знак на мир
Словачки пратеник во Европскиот парламент денеска привлече внимание со пуштање жива птица од говорницата по својот говор. Како што рече, тоа го направил во знак на мир во светот.
На збунетост и изненадување на присутните претставници во Стразбур, Мирослав Радачовски, лидер на десничарската партија Словачки патриот, посегна во чантата што ја имаше под јакната и го пушти гулабот да одлета во собраниската сала.
Тој рече дека „сака мир за целиот свет, за Русите и Украинците“.
„Би сакал да го ослободам овој гулаб како симбол на мирот, да симболизирам дека на Европа ѝ треба мир. Да оставиме овој гулаб да нѐ обедини сите“, рече Радачовски.
Сепак, иако сакаше да ги обедини присутните, некои ги згрози.
Каролин Руз, француска пратеничка во Европскиот парламент од редовите на зелените, го критикува велејќи дека користел живо животно за да даде политичко мислење, што е спротивно на правилата на парламентот.
„Тој употреби животно, скриено во неговата торба како едноставен предмет, само за да даде изјава за мир денес. Што ќе направите за да го вратите ова животно, господине? Каде е благосостојбата на животните во гестот на овој говорник? Сметам дека ова е апсолутно неприфатливо“, рече Руз.
Додека птицата леташе во салата, друг колега го праша Радачовски: „Можеш ли да ја фатиш“.
Јан-Кристоф Отјен, заменик-претседател на парламентот, рече дека инцидентот ќе биде пријавен кај претседателот на домот, додавајќи: „Се надеваме дека животното ќе биде добро“.