Свет
Напаѓачот на банка во Русија ја доби бараната сума, но е уапсен веднаш штом излегол
Руската полиција го уапси човекот што денеска влезе во експозитура на „Сбербанк“ во градот Тумен и како зараобеници зеде неколку вработени.
Тој барал да му бидат исплатени 15 милиони рубли во готово, што е еквивалентно на нешто повеќе од 170.000 евра.
„Се обидуваат да преговараат со него. Човекот бара парите да му бидат дадени во готово“, изјави соговорник на руската новинска агенција ТАСС за време на заложничката криза.
Во текот на кризата беа евакуирани жителите на зградата, каде што се наоѓа филијалата на банката. Според извор на ТАСС, повеќе од 50 лица биле евакуирани.
Повикувајќи се на своите извори, ТАСС информира за тројца заложници, а регионалната канцеларија на руското Министерство за внатрешни работи посочи дека имало двајца.
Заложничката криза завршила кога вработените во банката му ја дале бараната сума на човекот. Сепак, тој бил уапсен веднаш штом излегол од просториите на банката.
Властите соопштија дека се работи за 32-годишен човек со ментални проблеми, а со себе имал лажна бомба и не бил вооружен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.