Свет
НАТО: Активностите на Русија претставуваат закана за евро-атлантската безбедност
Во Брисел се одржува дводневен состанок на Советот на НАТО, а шефовите на дипломатиите на земјите членки повторија дека Русија е еден од главните предизвици за алијансата. Како што велат, НАТО ќе продолжи да се приспособува на современите предизвици.
„НАТО продолжува да се приспособува. Ние ќе се спротивставиме на заканите и системската конкуренција. Агресивните активности на Русија претставуваат закана за евро-атлантската безбедност, тероризмот во сите негови форми останува трајна закана за сите нас. Авторитарните режими ги оспоруваат сите принципи врз кои светот се заснова, вклучувајќи хибридни и сајбер-закани и злоупотреба на нови технологии“, се наведува во соопштението издадено по првиот ден на работата на Советот на НАТО.
Нагласено е дека НАТО е исклучиво одбранбено тело, кое не претставува закана за ниедна земја.
„Како одговор на сè поопасната и непредвидлива состојба во безбедносната сфера, ние значително ги зајакнуваме можностите за воздржаност, потенцијал и стабилност на НАТО“, заклучија министрите за надворешни работи.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по состанокот, рече дека им предложил на министрите значително да го зголемат финансирањето имајќи ја предвид непредвидливата состојба во безбедносната сфера за што е потребна посилна воздржаност и посилна одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Повеќе од 130 лица беа приведени во Њујорк по антиизраелските студентски демонстрации
Повеќе од 130 лица се приведени во текот на ноќта во Њујорк пред просториите на Универзитетот NYU, по пропалестинските студентски демонстрации, соопшти вечерва полицијата.
Њујоршката полиција за Франс прес прецизира дека сите приведени лица, од кои точно 133, потоа биле ослободени.
Полицијата додаде дека добила покана од администрацијата на Универзитетот во Њујорк да интервенира и да ги евакуира демонстрантите.
„Доколку одбијат да заминат, бараме од NYPD да преземе мерки, вклучително и апсење доколку е потребно“, се вели во писмото на Универзитетот до полицијата.
Студентите во САД во последниве денови организираа демонстрации и митинзи за ставање крај на војната во Појасот Газа.
Околу 100 пропалестински студенти веќе беа уапсени минатата недела на Универзитетот Колумбија, исто така во Њујорк. И во тој случај управата на универзитетот побарала интервенција на полицијата.
Неколку јавни личности, вклучително и претставници на американскиот Конгрес, оценија дека тие студентски собири поттикнуваат антисемитизам.
Свет
Хезболах го нападна северниот дел на Израел со беспилотни летала
ЛибанскиХезболах соопшти дека извршил напад со беспилотни летала врз израелските воени бази северно од градот Акра, во најдлабокиот напад на израелска територија од почетокот на војната во Газа.
Израелската војска соопшти дека нема сознанија за некој од нејзините објекти погодени од Хезболах, но претходно соопшти дека пресретнала две „воздушни цели“ во близина на северниот брег на Израел.
Двете страни редовно разменуваат ракетни и воздушни напади од почетокот на војната во Газа минатиот октомври, но се воздржуваат од отворена војна. Сепак, со оглед на честите напади, постојат стравувања дека несреќа или погрешна проценка на која било страна може да доведе до брза ескалација на конфликтот, како и до потенцијално вклучување на други регионални и светски сили, вклучително и САД.
Хезболах вели дека нападот е одмазда за претходниот израелски напад во кој загина еден од нивните борци. Групата објави сателитска снимка со локацијата на нападот на половина пат помеѓу Акра и Нахарија на север. На едно видео е видливо и како израелската воздушна одбрана ги пресретнува беспилотните летала.
Израелската војска соопшти дека нејзините воени авиони одговориле со гаѓање воени цели во областа Маркаб во јужен Либан.
Најмалку две лица загинаа, а уште шест се повредени откако израелски воздушен напад погоди станбена област во јужниот либански град Ханин, објави во вторникот официјалната либанска новинска агенција NNA.
Регион
Убиен работник од Украина во Славонски Брод
Во центарот на Славонски Брод во попладневните часови е пронајдено машко тело.
Полициската управа Брод-Посавина соопшти дека е приведено едно лице поврзано со инцидентот.
Се работи за млад градежен работник од Украина. Конфликт се случил во стан во центарот на градот каде што биле сместени работниците (родени во 90-тите).
Полицијата соопшти дека телото на мажот е пронајдено во куќата околу 15:17 часот и дека се води истрага, а потоа и кривична истрага која треба да ги расветли сите околности.