Европа
Научници: Летото може да донесе нов бран со новите соеви на омикрон
Новиот летен бран на инфекција со коронавирус и неговото влијание сè уште се неизвесни. Засега е познато дека новите соеви на омикрон BA.4 и BA.5 главно се сметаат за одговорни за зголемувањето на бројот на заразени во неколку европски земји, по Јужна Африка и Португалија, навеле научниците, пренесуваат светските медиуми.
Овие нови подваријанти на омикрон, идентификувани од научниците на почетокот на април во Боцвана и Јужна Африка, според написите, најверојатно се појавиле помеѓу средината на декември и почетокот на јануари.
Во Јужна Африка, „каде што се идентификувани подваријантите BA.4 и BA.5 и каде што инфекцијата со субваријантот BA.4 доминира денес, врвот на епидемискиот бран беше забележан во средината на мај и неговото влијание беше многу умерено. Но, во Португалија, инфекцијата со подваријантата BA.5 сега е распространета, а лекарите велат дека инциденцата се зголемува, но сепак на пониско ниво од претходниот бран“, се вели во резимето на Француската Национална агенција за јавно здравје, објавено во медиумите.
Во последно време, како што било наведено во резимето, забележано е зголемување на бројот на заразени и се повеќе случаи на зарази со новите омикронски субваријанти.
Во Франција, подваријантите BA.4 и BA.5 постепено доминираат, во споредба со BA.2, која доминира таму од почетокот на годината до неодамна, анализираат научниците.
Слична е ситуацијата во Обединетото Кралство и Германија. Експертите велат дека досега не е идентификувана подваријанта BА.3 меѓу заразените.
Портпаролката на француската влада Оливија Грегоар зборувајќи по состанокот на Советот на министри за благото враќање на епидемијата на коронавирус, истакнала дека здравствените власти се „на готовност“ и дека „нема простор за загриженост“ засега.
Последните неделни податоци од француското јавно здравство ја потврдуваат информацијата за зголемен број заразени и за зголемен број на нови подваријанти на омикрон, пренесуваат тамошните медиуми.
Експертите велат дека за ваквиот развој придонесува и олеснувањето на мерките за јавно здравје и посочуваат дека и двете најнови подваријанти на омикрон се чини дека се шират уште побрзо од неговите претходни подваријанти.
Прашањето кое го поставуваат е дали летото, синоним за повеќе активности на отворено, ќе помогне да се спречи потенцијалното ширење на епидемијата?
„Можеме да сметаме на помала инциденца на инфекција во лето отколку во зима, но оваа сезона сама по себе не може да влијае или спречи нов бран на инфекција, а тоа можевме да го видиме во случајот со ширењето на делта сојот на коронавирусот во јули 2021 година, кога имаше четврти бран“, велат епидемиолозите.
Засега нема докази за зголемена загриженост за ширењето на подваријантите BA.4 или BA.5 во споредба со другите омикронски подваријанти, велат француските научници, но додаваат дека е премногу рано за попрецизни податоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.