Свет
Најбараниот милитант на „Хизбул муџахедин“ уапсен во Џаму и Кашмир
Индиската антитерористичка организација, Национална агенција за истраги (НИА,) синоќа уапси еден од најбараните милитанти на кашмирската терористичка група „Хизбул муџахедин“, пренесува „Спутник“.
Според НИА, милитантот е идентификуван како Рустам Али и беше баран во врска со убиството на активистот за РСС, Чандер Кант Шарма, и неговиот телохранител во април минатата година. РСС е матична организација на владејачката партија во Индија, БЈП.
Шарма е водечки член на индиската „Рахтрија Свајмасвак Санг“, националистичка организација, а инцидентот предизвика протести во целата земја.
„Али, наводно, регрутирал млади во милитантните редови во областа Куштвар“, изјави висок официјален претставник на НИА.
Извори во агенцијата откриваат дека Али бил тесно поврзан со командантот на „Хизбул муџахедин“, Ријаз Наику, кој беше застрелан во престрелка со безбедносните сили на почетокот од овој месец.
Минатиот септември полицијата на Џаму и Кашмир уапси тројца милитанти во врска со убиството од 2018 година на членот на БЈП и активист на РСС, Анил Парихар. Официјални лица изјавија дека двата случаја се дел од заговор за заживување на воените активности и биле спроведени од командантите на „Хизбул муџахедин“.
Основана во 1989 година, „Хизбул муџахедин“ бара независност од Индија. Нејзиното раководство главно потекнува од регионот Трал во Кашмир, што индискиот безбедносен естаблишмент го смета за жариште на милитантите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени тројца мажи во истрагата за бруталното убиство на Хрват во Даблин
Уапсени се тројца мажи осомничени за убиството на 31-годишен Хрват, Јосип Штрок во Даблин минатиот месец, пишуваат ирските медиуми.
Тие се осомничени дека ги претепале Штрок, кој живеел и работел во Даблин, и неговиот пријател. Штрок почина од повредите на 3 април.
Неговиот пријател за хрватските медиуми изјавил дека биле во продавница и планирале да се дружат, кога група луѓе им кажала да почнат да зборуваат англиски.
„Немате почит кон нашата земја, ова е Ирска…“, изјави тој за Јутарњи. Тие влегле во автобусот и не забележале дека напаѓачите ги следат и биле нападнати одзади.
„Прво ме удрија со нешто, не знам дали беше шипка или палка. Ги прашав полицајците за деталите што ги виделе на видеото, а кои наводно ги имаат“, рече тој, додавајќи дека следното нешто се сеќава е кога се разбудил во болница.
Европа
Шпанскиот државен обвинител бара прекин на истрагата против сопругата на Санчез
Шпанскиот државен обвинител, назначен од кралот по препорака на владата, денеска побара од судот во Мадрид да ја затвори истрагата за корупција против сопругата на премиерот Педро Санчез бидејќи „нема индиции за кривично дело“.
Судијата во Мадрид вчера пријавил дека отворил прелиминарна истрага за 59-годишната Бегоња Гомез. Сопругата на премиерот беше пријавена кај судијата од синдикатот Манос Лимпиос (Чисти раце) врз основа на медиумските извештаи дека давала препораки со нејзин потпис на претприемачи кои се пријавиле на јавни тендери. На овој начин, било наведено во пријавата, таа ја искористила својата позиција и влијание за да можат блиските луѓе да добијат јавни пари и работа.
Организацијата Манос Лимпијас претходно изјави дека својата тужба ја заснова на медиумски извештаи и дека не може да гарантира за нивната вистинитост, а шефот на организацијата, Мигел Бернад, рече дека извештаите биле проследени до судијата од „граѓанска должност“ и негираше дека акцијата била политички мотивирани.
Во 1980-тите, Бернад се натпреваруваше на два европски избори како кандидат на екстремно десничарскиот Национален фронт во 1980-тите.
Манос Лимпијас одлучи да побара од судот да отвори истрага за бизнисот на Гомез откако обвинителите не постапија самоиницијативно, а истражниот судија ќе одлучи дали медиумските извештаи се точни или не, рече тој.
Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес, според пријавата, добила 10 милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Тој претприемач подоцна основал постдипломски курс кој го водела Гомез на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид.
Во извештајот се споменува поврзаноста на сопругата на премиерот со туристичката компанија Globalia, која беше спонзор на едукативниот центар „Africa Centre del Instituto de Empresa“ управуван од Гомез. Шпанската влада со 600 милиони евра народни пари ја спаси „Air Europa“, во сопственост на Globalia.
Државното правобранителство испрати жалба до судот во Мадрид, во која се наведува дека нема „индиции дека сторила кривично дело“, објави радиото Ла Секста.
Свет
Захарова: Лицемерниот Запад бара Србија да заборави кој ја бомбардирал
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на брифинг со новинарите потсети на годишнината од бомбардирањето на Радио и телевизија на Србија, кога загинаа 16 вработени и уште еднаш укажа колку Западот е подготвен да ги погази сите норми и правила. Згора на тоа, сега се бара од Србија да го заборави тоа, изјави таа.
Таа нагласи дека бомбардирањето на РТС не само што поминало неказнето, туку дека НАТО го објаснил како неопходност од војна.
„Она што тогаш се применуваше во Србија, сега се прави во Украина“, рече Захарова на брифингот и укажа на убиството на руски воен известувач од режимот во Киев, платен од Западот.
И како да не беше доволно тоа што и го направија на Србија тогаш, додаде таа, но денес се бара да се заборави бомбардирањето, се спроведува нов јапонски експеримент.
„Тогаш ја бомбардираа Јапонија, а денес се принудени да ја заборават. Сега се обидуваат да ја натераат Србија да заборави кој ја бомбардирал, 2.500 жртви од кои 89 деца, уништена инфраструктура, загуби кои се мерат во милијарди.
Сакаат да ја свртат страницата на историјата, но всушност да ја принудат Србија да ја откине таа страница од целата историја, како што беше случајот со Јапонија“.
Лицемерието на Западот нема граници, студиозно го игнорира нападот на зградата на РТС во Белград на 23 април 1999 година, истакна Захарова.