Европа
Најмалку шест загинати во поплавите во Франција, Италија и Грција
Најмалку шест лица загинаа во поплави што се случија во делови од брегот на Франција и Италија и делови од западна Грција.
Некои патишта на францускиот Азурен Брег и денеска беа затворени, додека нивото на реките во Италија продолжува да расте по поплавите за време на викендот.
Во Франција загинаа четири лица. Двојка на возраст од 70 години настрада кога водата го однесе нивниот автомобил. Едно лице загина кога француски спасувачки брод потона во Средоземното Море, а уште едно било пронајдено мртво во автомобилот.
Во Грција синоќа беа пронајдени две тела на мажи за кои се верува дека се туристи. Тие биле во едрилица кога надошла бурата.
Италијанските спасувачи трагаат по евентални жртви по рушењето на дел од мост во близина на Савона. Рушењето на мостот го предизвика свлечиште, а возачите кои се беа затекнале на местото успеале да ги сопрат возилата на време.
Засега нема извештаи дека сведоци виделе автомобили кои паднале во бездната, но потрагата продолжува поради претпазливост.
Додека нивото на реките во Италија продолжува да расте, во Франција се намалува, но голем број лица се евакуирани и понатаму не можат да се вратат во своите домови.
Во Грција се поплавени стотина куќи по бурата која зафати област западно од Атина.
Обилните дождови и свлечишта доведоа до затворање на дел од патиштата во Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.