Свет
Најмалку 11 загинати во напад на ИСИС во Ирак
Петмина припадници на племенската милиција и шестмина локални жители биле убиени во напад на пункт во близина на ирачката престолнина Багдад. Нападот го извела терористичката група ИСИС, пренесе „Франс прес“ повикувајќи се на безбедносни извори.
Нападот се случил во областа Ал-Радхванија доцна во неделата кога милитантите се обиделе да ја преземат контролата над наб људувачкиот пинкт со поглед кон предградијата западно од Багдад, објави агенцијата.
Милитантите ја нападнале кулата со четири возила напаѓајќи го пунктот со гранати и отворајќи оган врз припадниците на племенските сили „Хашед“, поврзани со ирачката влада. Пресметката очигледно ги поттикнала локалните жители да помогнат во одбраната.
„ИСИС ја нападна кулата за набљудување убивајќи пет члена на ‘Хашед’ и шест цивили, кои беа дојдени да помогнат да се одврати нападот“, изјави безбедносен извор.
Освен 11-те лица што беа убиени во нападот, осум други се повредени и пренесени во болница, информираат здравствените власти. Ирачката армија и полицијата почнаа потера по напаѓачите, објави „Ројтерс“ повикувајќи се на свои извори.
Местото на нападот се наоѓа на 22 км јужно од меѓународниот аеродром во Багдад.
Ирачката влада прогласи победа над Исламската држава (ИД, поранешна ИСИС) уште во декември 2017 година по три години жестоки борби со самопрогласениот калифат, кој зазеде околу една третина од ирачката територија во 2014 година.
Иако до крајот на 2017 година ирачката влада успеа да ги поврати териториите што некогаш ги држеа џихадистите, окупацијата од страна на милитантите и кампањата за бомбардирање од коалицијата предводена од САД остави трага на уништување. Северниот град Мосул, некогаш дом на шриближно 1,8 милион луѓе, е претворен во куп урнатини и стана симбол на пустошот што го претрпе ирачкиот народ кога беше ослободен од меѓународната коалиција заедно со ирачката војска во јули 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ и Кина повикаа на воздржаност на Блискиот исток
Кина објави дека се противи на каква било ескалација на тензиите на Блискиот Исток.
„Кина се противи на какви било активности кои би можеле дополнително да ги ескалираат тензиите“, изјави денеска Лин Џијан, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Реагираше и претседатката на Европската комисија, Фон дер Лајен.
Таа ги повика Иран, Израел и нивните сојузници да се воздржат од ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.
„Апсолутно е неопходно регионот да остане стабилен и сите страни да се воздржат од понатамошни активности“, рече Урсула фон дер Лајен.
Претходно утрово, светските медиуми објавија дека Израел го нападнал Иран и дека се слушнале три експлозии во близина на воена база во централниот град Исфахан.
Сепак, засега нема официјални информации од двете држави за тоа што се случувало.
Свет
Разузнавачки извор за Си-ен-ен: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-ен-ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел сѐ уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за „Ројтерс“ дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер првпат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради технички дефект и дека еден член на екипажот загинал.
„Првпат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел ‘ту-22М3’, кој носи крстосувачки ракети ‘Х-22’“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на „Телеграм“.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот „туполев-22М3“ се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.