Свет
Најмалку 25 исчезнати во уривањето на кулата во Техеран
Иранските власти во понеделникот соопштија ви петокот дека уште 25 луѓе се водат како исчезнати во уривањето на кулата од четвртокот во главниот град Техеран, покрај прецизираните податоци за 20 загинати пожарникари, поради што е прогласен ден на жалоста во сабота, објави државната телевизија.
„Полиција прими известувања за 25 лица кои се пријавени како исчезнати. Ги повикуваме граѓаните да пријават доколку уште некој од членовите на нивните семејства кои работеле во зградата Plasko“, изјавил претставникот на полицијата.
Дваесетте пожарникари загинале во текот на евакуацијата на зградата во четвртокот. Потрагата по телата на исчезнатите го отежнуваат густиот чад и оган кој уште тлее меѓу урнатините.
Во трговскиот комплекс „Plasko“ пожарот избувнал во четвртокот утрото околу 8 часот по локално време, или 5,30 по македонско. Огнот се ширел од деветтиот кат на објектот кој има 15 ката над земјата и пет подземни катови, и набрзо го зафатил целиот горен дел од комплексот. Пожарникарите околу три и пол часа се бореле со огнот. Потоа, околу 11,30 часот по локално време, кулата се урнала зафаќајќи ги околните згради. Евакуирани беа околните згради, меѓу кои и амбасадите на Велика Британија и на Турција
Комплексот „Plasko“ е изграден во 1962 година и е еден од најстарите високи објекти во Техеран. Во него биле сместени голем број продавници претежно за обувки и облека../крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.