Свет
Најмалку 260 цивили убиени во вооружен напад во Етиопија
Најмалку 260 цивили се убиени во напад на вооружени лица во западниот етиопски регион Оромија, објави „Ројтерс“, цитирајќи двајца локални жители.
Еден жител, кој вели дека учествувал во закопувањето на телата во масовни гробници, рекол дека се убиени 260 цивили, додека друг посочил дека загинале 320 лица.
Регионалниот портпарол на Оромија, Хаилу Адуња и портпаролот на етиопската армија, полковник Гетнет Адана, не одговориле на барањето за коментар, наведува британската агенција.
Претходно, премиерот Аби Ахмед ги осуди, како што рече, ужасните дела во Оромија, но без да прецизира детали.
„Нападите врз невини цивили и уништувањето на средствата за живот од нелегални и нерегуларни сили се неприфатливи“, напиша Ахмед на „Твитер“.
Етиопија се соочува со најлошата суша во последните 40 години, поради што во потенцијална животна опасност се околу 30 милиони луѓе.
Конфликтот што избувна меѓу етиопската влада и воените сили во северниот регион Тиграј на 4 ноември 2020 година, доведе до вистински хаос во земјата.
Борбите во Тиграј започнаа кога премиерот Аби Ахмед, добитник на Нобеловата награда за мир, нареди напад откако силите лојални на државната TPLF нападнаа армиска база на сојузната војска.
Конфликтот подоцна ги зафати и соседните региони Амхара и Афар, а во досегашните борби загинаа илјадници цивили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.