Свет
Нема напредок во преговорите меѓу демонстрантите и лидерката на Хонгконг
Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, изјави дека се сретнала и разговарала со група млади луѓе за протестите што се случуваат во овој посебен кинески административен регион, но нема напредок ниту по едно барање од демонстрантите.
Лам истакна дека на затворениот состанок денеска го објаснила ставот на Владата за петте барања на антивладиното движење.
Таа ги оспорила критиките дека владата ги игнорира демонстрантите, чии барања вклучуваат демократски избори, откажување од обвинувањата против уапсените демонстранти и независна истрага за употреба на прекумерна сила од страна на полицијата.
Во Хонгконг повеќе од два месеца траат протести во кои учествуваат главно млади луѓе и кои повремено ескалираат во насилни.
Антивладините протести беа поттикнати од контроверзниот закон за екстрадиција на жители од Хонгконг за судења во Кина. Лам призна дека владата направила грешка со овој закон, но протестите прераснаа во демонстрација на општо незадоволство од работата на властите.
Лидерката минатата недела најави платформа за дијалог во која ќе бидат вклучени и демонстрантите, додека опозициските лидери во поранешната британска колонија ја доведоа во прашање искреноста на нејзината иницијатива, нарекувајќи ја тактика на одложување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Три сантиметри снег на Копаоник
На Копаоник се измерени три сантиметри снег, соопштија вечерва за агенцијата Бета во локалната метеоролошка станица.
Врне снег со слаб интензитет и со повремени прекини.
Температурата е минус три Целзиусови степени, а во моментов дува северен ветер со брзина и до три метри во секунда.
Свет
Столтенберг свика кризен состанок на Советот НАТО
На барање на Украина, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за овој петок закажа состанок на Советот НАТО-Украина.
Главна тема на вонредниот состанок ќе биде потребата на Украина од повеќе системи за противвоздушна одбрана и артилериски гранати, изјави Столтенберг во Брисел.
На состанокот треба да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО. Дали средбата ќе биде организирана преку видео конференција или со физичко присуство, првично не се знае.
Свет
Русија ги повлекува војниците од Нагорно Карабах
Руските воени мировни трупи се повлекуваат од Нагорно-Карабах, потврдија официјални лица од двете земји.
Руските мировници се таму од крајот на ерменско-азербејџанската војна во 2020 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги потврди извештаите за повлекувањето пред новинарите, но не даде детали.
Веста за повлекувањето ја потврди и азербејџанскиот министер за надворешни работи Хикмет Хаџиев, додавајќи дека двете земји се договориле за тоа.
Хаџиев не објасни зошто војниците се повлекуваат, но се чини дека нивното присуство е излишно откако Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот минатата година.
Во првата половина на 1990-тите, Нагорно-Карабах беше во фокусот на меѓуетничката војна по распадот на Советскиот Сојуз, во која и Ерменија и Азербејџан беа федерални единици.
Тој регион тогаш беше под целосна контрола на бунтовничките Ерменци до војната во 2020 година, кога Азербејџан ја врати контролата врз некои од неговите делови. Таа војна заврши со прекин на огнот и распоредување на 2.000 руски војници во деловите на Нагорно-Карабах кои останаа под ерменска контрола.