Свет
Нова студија – коронавирусот може да преживее 28 дена на мобилните телефони и банкнотите
Коронавирусот може да преживее на голем број различни површини многу подолго отколку што се сметаше порано, покажа неодамнешно истражување.
Коронавирусот може да преживее цели 28 дена, односно да ја задржи можноста од инфекција, на површините со кои секојдневно доаѓаме во контакт – мобилни телефони, банкноти и нерѓосувачки челик, пренесува Би-Би-Си.
Сепак, некои експерти се скептични во врска со заканата од заразување преку различни површини во секојдневниот живот.
Вирусот најчесто се пренесува со кашлање, кивање или зборување, потсетува Би-Би-Си.
Претходните студии покажаа дека вирусот може да преживее два до три дена на банкноти и стакло и до шест дена на пластика и нерѓосувачки челик.
Но, неодамнешното истражување на австралиската агенција ЦСИРО открива дека вирусот е „екстремно отпорен“ и ја задржува можноста за зараза до 28 дена на мазни површини, како што е стакло од кое се прават екраните на мобилните телефони и на банкнотите. Истражувањето е направено при температура од 20 степени Целзиусови. За споредба, вирусот на грип може да преживее 17 дена во исти околности, според Би-Би-Си.
Експериментите биле спроведени во темница, бидејќи се покажа дека ултравиолетовото зрачење го убива вирусот.
„Утврдувањето колку долго може вирусот да остане активен на различни површини ни помага попрецизно да го предвидиме или забавиме неговото ширење“, рече извршниот директор на ЦСИРО, д-р Лери Маршал.
Но, професорот Рон Еклс, поранешен директор на Центарот за настинки на Универзитетот Кардиф, ја критикуваше австралиската студија и рече дека тврдењето дека вирусот може да преживее 28 дена на мобилните телефони и на банкнотите предизвикува „непотребен страв во јавноста“.
„Вирусите завршуваат на површините од слуз што доаѓа од кашлање и кивање или валкани раце, а во оваа студија не се користела свежа човечка слуз како метод за пренесување на вирусот. Имено, свежата слуз е непријателска средина за вирусите бидејќи содржи многу бели крвни клетки кои произведуваат ензими кои уништуваат вируси, а исто така може да содржат антитела и други хемикалии кои ги неутрализираат вирусите“, рече проф. Екли.
„Според мене, заразните вируси во слузта на површините можат да преживеат со часови, но не и со денови“, додаде тој.
Минатата недела, Моника Ганди, професор по медицина на Универзитетот во Калифорнија, рече дека коронавирусот не се шири низ површините.
„На почетокот на пандемијата, постоеше многу страв од пренесување на вирусот преку површини. Сега знаеме дека клучот за ширење не е допирање на површини и последователно допирање на очите. Вирусот се шири кога сте во близина на некој што го исфрла од устата и носот”, рече Ганди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Атина во густ облак од прашина и песок од Сахара
Главниот град на Грција, Атина, се најде во облак од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка, феномен кој е проследен со особено високи температури.
Воздухот во градот треба да се подобри од утре наутро, велат метеоролозите.
„Во пролет март-април, циклоните, кои се движат кон исток по северноафриканскиот брег, носат прашина кон источен Медитеран. Типична песочна бура со дострел од 200 километри носи од 20 до 30 милиони тони прашина, понекогаш и до 100 милиони“, објаснува директорот на Грчката метеоролошка служба, Теодорос Колидас.
Главниот град често се наоѓа на патот на тие песочни бури, но оваа година беше проследен со особено високи температури поради што е речиси невозможно да се дише.
Во центарот на Атина на 27 март беа забележани 25,3 Целзиусови степени, што е рекорд од март 2009 година, а на Крит температурите достигнаа и до 32 степена, истакнаа од Грчката метеоролошка служба.
Сојузот на пулмолозите на Грција препорача најранливите групи население, особено луѓето што страдаат од астма, да избегнуваат „непотребни движења и спортови на отворено кога концентрациите на прашина се највисоки“.
„Африканската прашина носи честички кои може да се интегрираат со полен, бактерии и габи создавајќи многу токсична и опасна смеса за човечкото тело, а особено за респираторниот систем“, предупредува Сојузот.
Свет
Апсења во Пакистан по снимка во која брат ја убива сестрата, таткото гледал сè
Пакистанската полиција уапси татко и брат откога видеото од провинцијата Пенџаб, на кое брат ја дави својата сестра додека таткото гледа, стана вирална, соопштија официјални лица.
Настанот предизвика шок и бес во нацијата, која се бори со бранот насилство врз жените. 22-годишна девојка била убиена од својот брат додека таткото гледал, а непознато трето лице го снимило злосторството, изјави за ДПА претставникот на локалната полиција, Рана Акмал.
Инцидентот се случил во градот Тоба Тек Синг минатата недела. Семејството ја закопало жената тврдејќи дека умрела од колера.
И таткото и братот ѝ кажале на полицијата дека со години ја силувале жената и ја убиле за да го скријат своето злосторство, изјави полицискиот службеник Мохамед Имран.
Се спроведуваат рации за апсење на лицето, кое наводно го снимило злосторството.
Регион
Родителите на двегодишната Данка во полиција во Бор: мајката одбила полиграф
Родителите на исчезнатата двегодишна Данка Илиќ се донесени во полициската станица во Бор, објави „Телеграф.рс“.
Тие не се осомничени, но со нив се врши информативен разговор.
Ивана и Милош вчера дадоа исказ во присуство на Центарот за социјална работа.
Како што објави српски „Телеграф“, мајката го одбила полиграфскиот тест бидејќи е бремена.
„Девојчето Данка Илиќ сè уште не е пронајдено. Апелираме до сите луѓе да не објавуваат информации што не се проверени. Со тоа се нарушува и се загрозува истрагата, во која е инволвиран и Одделот за криминалистичка полиција“, изјавиле за „Телеграф.рс“ од српската полиција.