Европа
Нови мерки во Австрија: Маските се задолжителни речиси насекаде, а визирите се забранети
Од полноќ, во Австрија стапија на сила нови поостри мерки за борба против ширењето на коронавирусот, што воведе многу ограничувања на бројот на луѓе на собири, како и продолжување на обврската за носење заштитни маски.
Во уредбата на Министерството за здравство се наведува дека при влегување на јавен простор на затворено и во подземни премини, мора да се носи маска. Истото важи и за собири и манифестации, без разлика дали се на затворено или надвор.
Уредбата исто така нагласува дека при влегување на јавни места на отворено, мора да се одржува растојание од најмалку еден метар кон лица кои не живеат во исто домаќинство.
Во авионите, како и јавниот превоз, во исклучителни случаи, растојанието од еден метар може да се наруши, но маската е задолжителна.
Указот ја воведе обврската да се носат маски во метро станиците, железничките станици, трамвајските станици и аеродромите.
Оној кој се повикува на здравствени причини за време на контролата, поради што не може да носи маска, ќе мора да има потврда од лекар кој има дозвола за работа во Австрија.
Во рестораните, максималниот број на луѓе на една маса е ограничен на шест лица во затворени простории и 12 лица на отворено.
Доколку угостителскиот објект има на располагање повеќе од 50 места, од 1 ноември ќе мора да има концепт на превенција, а исто така ќе мора да има и „ковид одговорно лице“.
Што се однесува до настаните и спортските натпревари, уредбата значително го намали бројот на луѓе.
Така, максимум шест лица со шест малолетни деца можат да присуствуваат на собир во затворени простории без места за седење, а на отворено 12 лица и шест малолетни деца.
На собири каде има места за седење во затворен простор, дозволен е максимален број од 1.000 лица, а на отворено до 1.500 лица.
Уредбата регулира и проби, настапи од хорови и музички оркестри – за аматери, само шест лица ќе можат да настапуваат заедно во затворено, а 12 на отворено. Концептот на превенција е обврзувачки за професионалните музичари, а ако бројот на учесници надмине 50 во затворено и 100 на отворено, потребно е „ковид одговорно лице“.
Со указот се утврдуваат и заштитните маски во домовите за стари лица, во кои обврската се однесува на сите посетители и вработени. Исто така, овие домови мора да развијат концепт на превенција со цел да се минимизира ризикот од зараза, а правилата за посета ќе бидат наведени во тој концепт.
Новата регулатива вклучува и забрана за носење визири, која ќе стапи на сила на 7 ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.