Европа
Ново правило во ЕУ – построга контрола на парите што се пренесуваат преку граница
Денеска, во целата Европска Унија стапува во сила правило според кое секој што влегува или излегува од нејзината територија мора да пополни декларација доколку со себе има 10.000 евра или повеќе, во готовина или еквивалент на таа сума во други валути, како и во други платежни средства, како што се патнички чекови или меници, но и злато.
Комисијата наведува дека царинските службеници на влезовите во ЕУ имаат право да ги проверуваат патниците, нивниот багаж и возилата. Исто така, тие имаат право да запленат пари што не се пријавени.
Новото правило е дел од стратегијата на Унијата за борба против перење пари и финансирање тероризам. Покрај декларацијата за готовина, се очекуваат и низа други промени во оваа област.
Ќе биде проширена дефиницијата за готовина и тука ќе бидат вклучени и чекови, златници, златни прачки и слични предмети. Доколку царинските службеници имаат разумни основи да се сомневаат дека парите се поврзани со криминална активност, тие ќе може да одземат суми и во износ помал од 10.000 евра.
Декларациите за готовина ќе се чуваат дури до пет години, со цел да се следи колку готовина влегува и излегува од Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Приходите на Русија од нафта и гас се речиси двојно зголемени
Приходите од нафта и гас на Русија ќе достигнат 1,29 трилиони рубљи (14 милијарди долари) во април, што е речиси двојно повеќе од истиот месец минатата година благодарение на зголемените цени, покажуваат пресметките на Ројтерс.
Ројтерс ги заснова проценките на податоците од индустриските извори и официјалната статистика за производство, преработка и снабдување со нафта и гас на рускиот и меѓународниот пазар.
Руското Министерство за финансии на почетокот на мај ќе ги објави податоците за април. За цела 2024 година, владата буџетираше приходи од продажба на нафта и гас од 11,5 трилиони рубљи, за 30 отсто повисоки отколку во 2023 година, кога се намалија за 24 отсто поради пониските цени на нафтата и намалениот извоз на гас под притисок на санкциите.
Благодарение на закрепнувањето на приходите од продажбата на енергетски производи, рускиот буџетски дефицит се намали во првите три месеци од оваа година на 607 милијарди рубљи, што одговара на 0,3 отсто од бруто домашниот производ (БДП), наведува Ројтерс.
Западните земји воведоа бројни санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, настојувајќи да ги намалат приходите на Русија од продажбата на нафта и гас, кои сочинуваат околу една третина од федералниот буџет. Казнените мерки вклучуваат забрана за водење бизнис со руски финансиски институции.
Европа
Русија и се закани на Полска
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.