Свет
Нов рекорд во Израел – речиси 11.000 луѓе се заразиле за еден ден
Израел во вторникот потврди речиси 11.000 новoзаразени, нов рекорд од појавата на пандемијата на коронавирус и покрај водечката кампања за вакцинација во светот.
Во изминатите 24 часа потврдени се 10.947 нови случаи, објави Министерството за здравство.
Најновата бројка го надмина претходниот рекорд од средината на јануари кога имаше околу 10.100 заразени за едно деноноќие.
Повеќе од милион заразени досега се потврдени во Израел, земја со 9,4 милиони луѓе, а повеќе од 7.000 луѓе починале досега од последиците на Ковид-19, според најновите податоци.
Научниците продолжуваат да нагласуваат дека вакцините против коронавирус се ефикасни во спречување сериозно заболување и смрт. Кампањата за вакцинација во Израел се потпира на вакцината на „Фајзер/Бионтек“. Речиси 59 проценти од луѓето примиле две дози од оваа вакцина.
Израел е првата земја во светот што почна да го вакцинира своето население.
Израел нуди трета доза вакцина за секого на возраст над 12 години, но имунитетот на стадото е тешко да се постигне со околу 2,13 милиона деца помлади од 12 години, кои може да се вакцинираат само во исклучителни случаи.
Израел одлучи да воведе трета доза врз основа на податоците од Министерството за здравство, кои сугерираат дека ефективноста на вакцината опаднала од почетокот на јуни кај оние што ја примиле меѓу првите.
Во исто време земјата се бори со ширење на повеќе заразната варијанта делта.
Експертите стравуваат дека почетокот на новата учебна година в среда може да доведе до ново зголемување на случаите.
Повеќе од 90.000 деца и млади луѓе не може да одат на училиште или градинка бидејќи се болни или се во карантин, пишуваат локалните медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.