Европа
Норвешка ја продолжи суспензијата на вакцината на „Астразенека“ до 15 април
Здравствените власти во Норвешка ја продолжија суспензијата на вакцината против Ковид-19 на „Астразенека“ до 15 април, со објаснување дека мораат подетално да ги испитаат нејзините можни несакани ефекти, по случаи на сериозни проблеми со згрутчување на крвта.
Така, Норвешка се приклучи на Данска во очекување на резултатите од проверките, додека повеќето други европски земји продолжија да ја користат вакцината на „Астразенека“, која од страна на европскиот регулатор беше оценета како „безбедна и ефикасна“.
„Оваа одлука за продолжување на прекинот на вакцинацијата со вакцината на ‘Астразенека’е тешка, но оправдана“, рече шефот на норвешкиот Институт за јавно здравје (ФХИ), Геир Букхолм, во изјавата.
„Сметаме дека е потребно дополнително истражување за овие случаи, за да може на норвешките граѓани да им се дадат најдобри можни препораки за вакцинација“, додаде тој.
Во таа нордиска земја, неколку медицински работници на возраст под 55 години и со добро здравје имаа комбинација на нетипични симптоми, вклучувајќи згрутчување на крвта, крвавење и пад на бројот на тромбоцити, неколку дена по примањето на вакцината на „Астразенека“.
Три лица починаа, а едно, помладо и без познати здравствени проблеми, почина по излив во мозокот.
Досега не е воспоставена врска помеѓу овие случаи и англо-шведската лабораториска вакцина, но тим од норвешки лекари рече дека сметаат дека овие ретки, но тешки случаи се резултат на силен имунолошки одговор на вакцината.
„Главната работа е да се утврди дали постои каузална врска помеѓу вакцината и многу тешки несакани ефекти, за кои се сомневаме“, изјави директорката на ФХИ, Камила Столтенберг, за радиото НРК.
Продолжувањето на суспензијата ќе ја одложи норвешката кампања за вакцинација за една недела или две, посочи Институтот. Оние кои ја примиле првата доза на вакцината засега нема да добијат втора, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.