Свет
Норвешките сили во Ирак предупредуваат на обнова на ИД во услови на пандемија
Норвешките воени сили во Ирак предупредуваат дека терористите на Исламската држава ги користат предизвиците што ги поставува новиот коронавирус и групата е во процес на обнова.
„Парадоксот е дека вирусот што ги смирува другите доведе до бум за ИД со натамошни терористички напади“, изјави потполковникот Штајн Гронгштад за весникот „Верденс Ганг“.
„Сметаме дека тие имаат стратегија за напад што се состои од подобро планирање и дека конкретно ги таргетираат ирачките сили што во моментот не се координирани во иста мера како пред појавата на вирусот. ИД користи бомби покрај патиштата, поседува напредни експлозиви и користи потешко вооружување. Тие исто така знаат како да го искористат во своја полза теренот во пограничните области. Во април имаше дури 20 напади на ИД врз ирачките сили само во провинцијата Анбар“, рече Гронгштад.
Норвешкиот баталјон „Телемарк“ е стациониран во Ирак за обука на ирачките војници за справување со терористичката закана. Во последните месеци тие немаа физички контакт со ирачката војска како резултат на мерките за запирање на пандемијата, а милитантите на ИД остануваат претежно во земјоделските области и не се особено изложени на зараза.
Покрај тоа, од затворите се ослободени многу затвореници, вклучително и симпатизери на ИД. Според „Верденс Ганг“, ИД добива нови регрути од поранешни осуденици и од отворените бегалски кампови.
Еден ирачки генерал нагласи дека ИД има тајни ќелии што вршат напади пред да исчезнат повторно и ја користат т.н. стратегија на брз напад и повлекување.
„Ирак е под голем притисок од неколку страни. Земјата е под финансиски притисок, во политичка криза, а потоа се појави и коронавирусот. ИД користи сè што може за да го шири својот терор“, вели генералот Тахсин ал-Кафаги, портпарол на ирачката Заедничка оперативна команда за весникот „Класекампен“.
Според Ал-Кафаги, ИД е незначително мала, но ги заснова своите активности на индивидуални напади.
„ИД претставува закана, дури и ако организацијата е територијално поразена. И ИД и Ал каеда полесно фаќаат корен онаму каде што недостига владина контрола или каде што преовладува нестабилноста“, рече норвешката министерка за надворешни работи, Ине Ериксен Сореиде, признавајќи дека се плаши од враќање на ИД.
Според Мајкл Крона, автор на „Медиумскиот свет на ИСИС“, оваа пролет бележи значително зголемување на џихадистичката активност преку интернет.
Исламската држава е екстремистичка група, која во летото 2014 година презеде големи делови на Ирак и Сирија и прогласи исламистички калифат. Во врвот на своето дејствување таа имаше контрола над една третина од територијата на Ирак, но терористите беа поразени кога ги загубија Мосул во Ирак и Рака во Сирија. По поразот на ИД, десетици илјади нивни војници беа заробени и задржани во логорот „Ал-Хол“ во Сирија. Според Центарот за стратегија и меѓународни студии (CSIS) од Вашингтон, во Ирак и Сирија има од 20.000 до 25.000 војници на ИД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Огромна дупка во Рим проголта два автомобили
Огромна дупка се отвори на улица во југоисточен Рим и проголта два паркирани автомобили.
Дупката со дијаметар од 10 метри и длабочина од околу 10 метри се отворила во раните утрински часови, јавуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на локалната полиција.
Фотографиите и видеата од огромниот кратер брзо се проширија на социјалните мрежи.
MASSIVE SINKHOLE ÖFFNET SICH BEI ROM! – 28.3.2024
In der Nacht öffnete sich in Rom ein riesiges Sinkhole, das zwei Autos verschluckte. Ein drittes blieb in der Schwebe. Das Sinkhole öffnete sich in der Via Sestio Menas in Quadraro in Rom. pic.twitter.com/51aNnxhT46
— Ramses 🇨🇭 (@RS38900) March 28, 2024
Нема извештаи за жртви, а службите за итни случаи соопштија дека за време на инцидентот немало луѓе на улица. На местото на настанот пристигна локалната полиција и пожарникарите.
На фотографиите се гледаат други автомобили паркирани покрај дупката, кои морале да се отстранат.
Во поголемите италијански градови често се отвораат кратери. Кон крајот на февруари, огромна дупка во Неапол, јужна Италија, проголта неколку автомобили во прометна населба.
Дури и во Рим ваквите инциденти не се ретки. Една од причините за тоа е староста на италијанската престолнина, каде стотина години се вршат ископувања и градежни работи.
Свет
Полска истражува наводна руска шпионажа
Полската агенција за внатрешна безбедност изврши претреси како дел од истрагата со други европски безбедносни служби за наводна руска шпионажа, беше соопштено денеска.
Полска, западниот воен центар за снабдување на Украина, која се бори против руската инвазија, вели дека станала главна цел на руските шпиони. Ја обвинува Москва и нејзиниот сојузник Белорусија дека се обидуваат да ја дестабилизираат.
„Документирани се акции насочени кон организирање проруски иницијативи и медиумски кампањи во земјите на ЕУ“, се вели во соопштението, повикувајќи се на интернет порталот voice-of-europe.eu, за кој велат дека објавил проруски материјали.
Претресите беа извршени во вторникот во Варшава и Тихи во западна Полска, се вели без дополнителни детали.
Операцијата била координирана со други земји, особено со партнери од Чешка, се наведува.
Во средата, чешката влада санкционираше две лица, меѓу кои и прорускиот украински политичар Виктор Медведчук и интернет порталот voiceofeurope.com, за, како што рече, водење на операција за проруско влијание во Европа.
Последните дејствија произлегоа од истрагата завршена во јануари оваа година, во која полски државјанин беше обвинет под сомнение дека шпионирал за руските специјални служби.
Свет
Во Франција за Велигден ќе биде распоредена полиција пред секоја црква
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин денеска им нареди на полициските началници да распоредат сили за ред пред сите католички и протестантски цркви за време на Велигден.
Во СМС порака до полициските началници, Дарманин напиша дека „многу високото“ ниво на терористичка закана и „продолжувањето на тензиите“ на меѓународната сцена, особено со војната во Газа и нападот во Москва, „бара исклучителна будност“. за време на велигденските празници овој викенд.
Тој, исто така, додаде дека е неопходно да се воспостави „визуелна контрола на луѓето кои влегуваат во верските објекти за да се откријат сомнителни лица“ и дека „посебно внимание треба да се посвети на „возилата стационирани во близина на големите собири“.
Дарманин дал инструкции за „зголемено физичко присуство на полицијата пред секоја црква или еврејски храм“ од петок до крајот на неделата.
Од почетокот на годината во Франција спречени се два напади. Националното обвинителство за тероризам објави дека еден од тие напади вклучува „џихадистичка идеологија“ насочена против католичка институција.
Велигден, со кој се слави Христовото воскресение, е најголемиот христијански празник. Католиците и протестантите го слават овој викенд, а православните верници на 5 мај.