Свет
Обама во писмото до Американците ја брани својата оставина
Американскиот претседател на заминување Барак Обама го бранеше пред Американците во писмото објавено во четвртокот своето политичко наследство остварено во текот на двата четиригодишни мандата, особено реформите во здравството познати како „Обамакер“ кои неговиот републикански наследник во Белата куќа Доналд Трамп вети дека ќе ги укине како неефикасни и недостапни.
Белата куќа го објави писмото на претседателот Барак Обама проследено со извештаите на секое министерство за напредокот остварен од неговото доаѓање на власт пред осум години кога главно светската економија беше на работ од депресија.
„Додека се подготвувам да ја предадам палката и да ја исполнам должноста како граѓанин, горд сум што можам да кажам дека изградивме нови темели за Америка“, пишува 44-от претседател на САД.
Меѓу главните остварувања на неговата администрација се споменува закрепнувањето на американската економија, намалување воени операции во Авганистан и во Ирак, чувствително намалување на зависноста од странската нафта и парискиот договор за климата.
Меѓутоа, реформата на здравственото осигурување, Affordable Care Act од 2010 година, позната како „Обамакер“, е меѓу остварувањата од врвот на оваа листа. Белата куќа тврди дека со него здравственото осигурување е проширено на 20 милиони Американци кои го немале и оти со неговото укинување би се создал хаос на пазарот на здравството.
Републиканците, кои првпат по 2007 година ги контролираат двата дома на Конгресот и Белата куќа, се залагаат за укинување на Законот за достапното здравствен осигурување, наречен Обамакер, за кој Трамп вели дека „не функционира, а не е ниту достапен“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Египет го достави предлогот на Хамас до Израел за едногодишен прекин на огнот во Газа
Египетските власти му доставија на Израел предлог изготвен од Хамас, со кој се бара едногодишен прекин на огнот во Појасот Газа во замена за радикалните Палестинци да ги запрат нападите врз израелските сили, објави ТВ каналот Ал Хадат со седиште во Дубаи.
Според извештаите, Египет го доставил предлогот на Хамас до израелската делегација. Изворите наведоа дека и Египет презентирал сопствена иницијатива, барајќи од Израел целосно да ја прекине операцијата во градот Рафах на југот на Појасот Газа во близина на египетската граница, пренесе ТАСС.
За возврат, египетските власти ветуваат дека ќе обезбедат „напредок во разговорите“ со радикалните палестински групи за ослободување на израелските заложници што ги држат во Појасот Газа, велат изворите.
На 1 декември 2023 година, израелската армија го обвини Хамас за кршење на примирјето што стапи на сила на 24 ноември и за продолжување на борбените операции во Појасот Газа.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.