Свет
Облакодер во Њујорк прогласен за највисока станбена зграда во светот
Oблакодерот „Централ парк тауер“ во Њујорк неделава и официјално стана највисоката станбена зграда на светот откако достигна конечна висина од 470 метри.
Облакодерот на 57. улица на Менхетен, позната како улица на милијардерите, има 131 кат, во кои се сместени 179 ултра луксузни апартмани, пренесува „Њујорк пост“.
Апартманите се пуштени во продажба од минатата есен со почетна цена од 6,9 милиони долари, додека во моментов најскапиот достапен простор е петсобен стан на 112. кат кој чини 63 милиони долари.
„Ова е сега највисоката станбена зграда во светот“, изјави Гери Барнет, директор на градежната компанија „Екстел“, која заедно со компанијата „Шангај инвестмент“ работеше на проектот.
Првите седум ката на „Централ парк тауер“ ќе ги земе стоковната куќа „Нордстром“, а во зградата ќе има и шест ресторани, приватен клуб за сопствениците, спа и фитнес-зона.
За потребите на зградата, направен е и супер брз лифт што може да мине 100 метри за само десет секунди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Столтенберг свика кризен состанок на Советот НАТО
На барање на Украина, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за овој петок закажа состанок на Советот НАТО-Украина.
Главна тема на вонредниот состанок ќе биде потребата на Украина од повеќе системи за противвоздушна одбрана и артилериски гранати, изјави Столтенберг во Брисел.
На состанокот треба да присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО. Дали средбата ќе биде организирана преку видео конференција или со физичко присуство, првично не се знае.
Свет
Русија ги повлекува војниците од Нагорно Карабах
Руските воени мировни трупи се повлекуваат од Нагорно-Карабах, потврдија официјални лица од двете земји.
Руските мировници се таму од крајот на ерменско-азербејџанската војна во 2020 година.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги потврди извештаите за повлекувањето пред новинарите, но не даде детали.
Веста за повлекувањето ја потврди и азербејџанскиот министер за надворешни работи Хикмет Хаџиев, додавајќи дека двете земји се договориле за тоа.
Хаџиев не објасни зошто војниците се повлекуваат, но се чини дека нивното присуство е излишно откако Азербејџан ја врати целосната контрола врз регионот минатата година.
Во првата половина на 1990-тите, Нагорно-Карабах беше во фокусот на меѓуетничката војна по распадот на Советскиот Сојуз, во која и Ерменија и Азербејџан беа федерални единици.
Тој регион тогаш беше под целосна контрола на бунтовничките Ерменци до војната во 2020 година, кога Азербејџан ја врати контролата врз некои од неговите делови. Таа војна заврши со прекин на огнот и распоредување на 2.000 руски војници во деловите на Нагорно-Карабах кои останаа под ерменска контрола.
Свет
Стопирани сите летови на „Алјаска ерлајнс“ во САД
Американската федерална управа за авијација (ФАА) денеска издаде препорака за стопирање на летовите на „Алјаска ерлајнс“, пишува „Ројтерс“.
Не е наведена причината за приземјувањето.
„Си-ен-би-ес“ објави дека системот на авиокомпанијата што се користи за сметање на тежината и рамнотежата за летови не работи правилно.
Алјаска ерлајнс и ФАА не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Како одговор на поплаките од патниците на социјалната мрежа „Икс“, авиокомпанијата соопшти дека работи на тоа што поскоро да ги внесе патниците во авионот.