Свет
Од ОН стигна најдиректното предупредување за климата: Планетата неконтролирано се загрева и луѓето се виновни за тоа
Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPC C) при Обединетите нации денеска издаде сериозно предупредување, во кое се наведува дека светот е близу до неконтролирано затоплување, за што недвосмислено се виновни луѓето.
„Нема сомнение дека влијанието на луѓето ја загреа атмосферата, океанот и копното“, се наведува во извештајот на IPC C, што е досега најдиректното тврдење дека луѓето ги предизвикуваат климатските промени, пренесува „Ројтерс“.
Во извештајот се тврди дека речиси целото затоплување што се случило од прединдустрискиот период е предизвикано од ослободување на гасови што ја задржуваат топлината, како што се јаглерод диоксид и метан. Најголем дел од ова е резултат на согорување на фосилни горива – јаглен, нафта, дрво и природен гас.
Научниците велат дека само мал дел од порастот на температурата забележан од 19 век може да е резултат на природни фактори.
Најновата проценка е исто така драстичен пресврт во однос на претходните извештаи за IPC C, во кои се наведуваше дека е исклучително веројатно оти индустриските активности се виновни за климатските промени.
Во извештајот, во чија подготовка учествувале повеќе од 200 автори, се разгледани пет сценарија, а заклучокот е дека за 10 години ќе се надмине температурата што светските лидери ја поставија како цел во рамките на Парискиот климатски договор.
Дури и најдрастичните кратења во намалувањето на емисиите на стакленички гасови најверојатно нема да помогнат за ограничување на покачувањето на просечната температура на 1,5 Целзиусов степен во однос на прединдустриското ниво, цел поставена според Парискиот договор за климата.
Во извештајот од 3.000 страници се заклучува дека топењето на мразот и зголемувањето на нивото на морето веќе се забрзуваат и дека се очекува влошување и се понеповолни временски настани, од бури до топлотни бранови.
Иако поголемиот дел од извештајот дава темна слика за влијанието на луѓето врз планетата и последиците што таквото влијание ќе го има во иднина, IPC C порача дека катастрофалното уништување на ледената покривка и ненадејното забавување на океанските струи е малку веројатно, иако не може да се исклучи.
Станува збор за најголемиот светски извештај за климатски промени, кој ја претставува суровата реалност за ситуацијата на планетата, наведува Би -би -си.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Братот на осомничениот за убиството на малата Данка починал од насилство, а не од природна смрт, пишуваат медиуми
Д.Д.(40), брат на еден од осомничените за исчезнувањето и смртта на двегодишното девојче Д.И., починал од насилна смрт на 7 април во раните утрински часови во полициската станица во Бор, констатирано е од стручното мислење на Институтот за судска медицина во Белград, објави Радар.
Во судско-медицинскиот извештај на телото на Д.Д биле констатирани бројни повреди, поради што вештаците констатирале дека се работи за насилна смрт. Наодите на вештачењето се проследени до надлежното Вишо јавно обвинителство Заечар за понатамошно постапување, пишува Радар.
Осомничениот Д.Д од Бор, во саботата на 6 април, во полициската станица во Бор бил задржан до 48 часа поради постоење основи на сомнение дека по извршеното кривично дело му помогнал на својот десетгодишен брат, кој е осомничен за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Истата вечер, три часа по полноќ, полицијата соопшти дека од „природна смрт“ починал Д.Д. Во соопштението на полицијата од 7 април, се наведува дека на осомничениот му се „слошило“ во раните утрински часови и дека „и покрај навремената реакција на полициските службеници и лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да извршат реанимација, Д.Д. починал во 3 часот и 10 минути“.
Вештачењето на Институтот за судска медицина во Белград, пак, покажа дека Д.Д. не починал од природна смрт, но од последиците од тепањето, чии траги беа јасно видливи и детално опишани во вештачењето.
Свет
Орбан: Западот е на чекор од испраќање војници во Украина, Брисел си игра со оган
Западот е на чекор од испраќање војници во Украина и во Брисел владее провоено мнозинство, најави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Во Европа расположението е војна, а во политиката доминира логиката на војната. Гледам подготовки за војна од сите страни. Генералниот секретар на НАТО сака да формира украинска мисија на НАТО. Европските лидери веќе влегоа во војна, разговарам со нив, ги слушам, тие ја гледаат оваа војна како нивна и така ја водат“, истакна Орбан.
Унгарскиот лидер укажа на постепено зголемување на помошта на Европа за Украина, почнувајќи од испраќање воена опрема и воведување санкции кон Русија до испраќање оружје и пари, објави HirTV.
Пари, пари, оружје, но состојбата не се подобрува, всушност се влошува. На чекор сме од Западот да испрати војници во Украина. Ова е вител на војна што може да ја одвлече Европа во длабочините. Брисел си игра со оган – предупреди Орбан и нагласи дека Будимпешта нема да биде вовлечена во руско-украинскиот конфликт.
Свет
Г7: Ќе ја зајакнеме воздушната одбрана на Украина
Земјите-членки на Г7 се решени да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, изјавија денеска нивните министри за надворешни работи кои се собраа на состанокот во Капри.
Седум суперсили – Италија, Канада, Франција, Германија, Јапонија, Велика Британија, САД и ЕУ – силно ја критикуваат руската инвазија на Украина, која трае повеќе од две години.
Сепак, Киев ги предупредува дека мора да ја сменат стратегијата доколку сакаат Украина да издржи се подеструктивни руски воздушни напади. Русија негира дека мета и се цивилите, но смета дека енергетскиот систем на Украина е легитимна цел. Во овие напади беа убиени стотици цивили.
„Г7 ќе ја зајакне воздушната одбрана на Украина за да спаси животи и да ја заштити критичната инфраструктура“, рекоа министрите за надворешни работи, додавајќи дека ќе ја зголемат одбранбената и безбедносната помош за Киев.
„Ние сме решени да продолжиме да обезбедуваме воена, финансиска, политичка, хуманитарна, економска и развојна помош за Украина и нејзиниот народ“, додаваат тие.
Изјавата беше објавена на крајот од тридневниот министерски состанок во Капри, каде главни теми беа Украина и воените конфликти меѓу Израел и Иран.