Свет
Речиси 60.000 жители на Донецк и Луганск годинава добија руско државјанство
Речиси 60.000 жители на народните републики Донецк и Луганск добија руско државјанство од почетокот на годинава, пренесува ТАСС.
Повеќе од 225.000 луѓе во овие републики добија руско државјанство кога претседателската уредба за ова прашање стапи во сила минатата година, информира прес-центарот на руското Министерство за внатрешни работи.
„На повеќе од 225.000 жители на украинскиот регион Донецк и Луганск им беше доделено руско државјанство во 2019 година и на 58.000 во 2020 година“, соопшти прес-центарот како одговор на истрагата на ТАСС.
Исто така, оттаму истакнаа дека, имајќи ги предвид одлуките донесени од претседателот, миграциската состојба во земјата значително се променила.
„Бројот на лица на кои им е одобрено руско државјанство порасна 85 отсто во однос на 2018 година и изнесува околу 500.000“, велат од Министерството.
На 24 април 2019 година рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој им се овозможува на луѓето што живеат во самопрогласените републики Донецк и Луганск да добијат руско државјанство со поедноставена постапка. Според документот, одлуката е донесена со цел да се заштитат човековите права и слободи и е заснована врз универзално прифатените меѓународни закони.
Првите пасоши беа издадени во Ростовскиот Регион на 14 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британија усвои нов закон, ќе испраќа мигранти во Руанда, реагираа претставниците на ОН
Двајца високи функционери на Обединетите нации денеска ја повикаа Британија да го разгледа својот план за префрлање на барателите на азил во Руанда, предупредувајќи дека потегот ќе има штетно влијание врз човековите права и заштитата на бегалците.
Во заедничката изјава, Филипо Гранди, Високиот комесаријат на ОН за бегалци и Волкер Турк, Високиот комесаријат за човекови права на ОН, ја повикаа ОК наместо тоа, да преземе практична акција за справување со нерегуларните текови на мигранти и бегалци.
„Новиот закон означува уште еден чекор подалеку од долгата традиција на Обединетото Кралство за обезбедување засолниште за оние на кои им е потребно, што исто така ја прекршува Конвенцијата за бегалци“, рече Гранди.
Британскиот парламент вчера усвои закон со кој се дозволува илегалните мигранти да се испраќаат во Руанда каде ќе се разгледуваат нивните барања за азил. Британскиот премиер Риши Сунак вчера вети дека ќе почне да испраќа баратели на азил во Руанда во рок од 10 до 12 недели. Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда.
Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во последниве години поминувајќи го Ла Манш со мали чамци на ризични патувања организирани од шверцери.
Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за британската влада, но критичарите велат дека планот за депортирање на луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехумано.
Според политиката формулирана пред две години и договорена со Руанда, секој барател на азил кој ќе пристигне во Британија илегално ќе биде испратен во Руанда според шемата за која владата вели дека ќе го спречи преминувањето на каналот и ќе ја разбие сегашната шема на шверц на луѓе. Ова ќе важи и за оние кои поднеле барање за азил во Велика Британија и никогаш досега не стапнале на африканскиот континент.
Свет
„Политико“: Американскиот пакет помош за Украина ќе биде многу поголем од претходните
Американските власти се подготвени да започнат со испорака на воена опрема во Украина откако Претставничкиот дом го усвои нацрт-законот за воена помош во саботата, изјави портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пат Рајдер.
Предлог-законот за воена помош мора да биде одобрен од американскиот Сенат и да биде испратен до претседателот Џо Бајден за негов потпис, се вели во соопштението на американското Министерство за одбрана.
Генералот Рајдер рече дека законодавството ќе ги направи САД и нивните сојузници и партнери побезбедни.
„Овој нов закон е доказ дека претпоставката на рускиот претседател Владимир Путин дека групата што ја поддржува Украина во нејзината борба против руската инвазија ќе се распушти е апсолутно погрешна“, рече генералот Рајдер.
Повикувајќи се на свои извори во американската администрација, бриселскиот портал „Политико“ пишува дека следниот пакет помош од САД за Украина ќе биде значително поголем од вообичаеното, јави Танјуг.
Според неименувани американски претставници, новиот пакет ќе вклучува оклопни возила, како и опрема за воздушна одбрана и артилерија.
Конкретно, соговорниците на бриселскиот портал велат дека САД ќе ја снабдат Украина со нова серија оклопни транспортери „Бредли“, оклопни транспортери „Хамви“ и „М113“.
Според еден од изворите, администрацијата подготвува „голем пакет за да помогне во задоволувањето на потребите на украинското бојно поле“.
Се очекува по Претставничкиот дом, американскиот Сенат конечно да го одобри законот за помош на Украина, со кој на Киев би му била укажана помош во износ од речиси 61 милијарда долари.
Свет
Венеција почнува да наплаќа влезници
Оваа недела, Вeнеција ќе почне да им наплаќа влез во градот на еднодневните патници, што е прв ваков случај во светот.
Наменет е да се намали притисокот врз античкиот италијански град, кој тоне под тежината на масовниот туризам.
Почнувајќи од четврток, посетителите кои доаѓаат во градот на еден ден ќе треба да купат билет од пет евра, кој ќе го контролираат инспекторите на клучните локации.
Минатата година, 3,2 милиони туристи поминаа барем една ноќ во историскиот центар на градот, но десетици илјади други поминаа низ градот во текот на денот, често од бродови за крстарење, за да ги видат знаменитостите, вклучувајќи го плоштадот Свети Марко и мостот Риалто.
Целта на воведувањето билети е да се намали гужвата.
Првично, билетите ќе бидат потребни само за 29 „пик“ туристички денови во текот на 2024 година, главно за викенди од мај до јули.
Дали ваквата мерка ќе даде резултати, внимателно ќе се следи и во другите туристички дестинации низ светот кои се борат да се справат со масовниот туризам.
Во Шпанија, втората најпосетувана земја во светот по Франција, десетици илјади луѓе протестираа во саботата на Канарските острови барајќи ограничување на бројот на посетители на архипелагот.
Луиџи Бруњаро, градоначалникот на Венеција, го опиша потегот како „експеримент, прв во светот, кој има за цел да ја направи Венеција попријатна за живеење“.
Венеција, која се простира на повеќе од 100 мали острови и островчиња во североисточна Италија, се смета за еден од најубавите градови во светот.
УНЕСКО го вброи градот и неговата лагуна како светско наследство во 1987 година, наведувајќи го како „извонредно архитектонско ремек-дело“.
Организацијата на ОН, сепак, минатата година се закани дека ќе ја стави Венеција на својата листа на загрозено наследство, наведувајќи го масовниот туризам и зголемувањето на нивото на водата што се припишуваат на климатските промени.
Долго време се дискутираше за системот за издавање билети, но неговата имплементација постојано беше одложувана поради загриженоста дека сериозно ќе ги намали приходите од туризмот и ќе ја загрози слободата на движење.
Градските советници од опозицијата тврдат дека тоа нема да има никаква корист. Педесет евра можеа да помогнат“, рече еден од нив Џанфранко Бетин.
Градоначалникот на Венеција вети дека новиот систем ќе биде наметнат „нежно“, без строги контроли и редици за билети, отфрлајќи ги шпекулациите дека градот ќе постави бариери или контролни пунктови на улиците.
Инспекторите ќе бидат стационирани во и околу главните влезови на градот, особено на железничката станица Санта Лусија, проверувајќи ги посетителите на лице место.
Туристите кои немаат билет ќе добијат инструкции како да купат, но може да ризикуваат казни од 50 до 300 евра доколку ги игнорираат.
Ќе им се наплаќа само дневните туристи кои ќе дојдат во стариот дел од 8:30 до 16:00 часот, а од ова се ослободени оние кои престојуваат во хотели, до 14 години и лицата со посебни потреби.