Свет
ОН ја повикуваат Швајцарија да врати две деца кои сега живеат во логорите во Сирија
Експертите за човекови права на ОН ја повикаа денеска Швајцарија да врати две сестри од Женева, од камп во североисточна Сирија, пет години откако девојчињата наводно биле киднапирани од нивната мајка, која се придружила на Исламска држава, објави „Ројтерс“.
Повеќе од 60.000 луѓе, од кои две третини се деца, се наоѓаат во кампови за семејства поврзани со борци на ИД, што шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) по посетата во март го опиша како трагедија на повидок.
Во камповите „Ал-Хол“ и „Ал-Рох“, управувани од сириските курдски сили, се наоѓаат државјани од околу 60 земји кои избегале од последните енклави на ИД.
„Двајцата татковци на девојчињата, обајцата од Женева, побараа од швајцарската влада да ги преземе неопходните чекори за да ги вратат своите ќерки што нивната мајка наводно ги зела на годишен одмор во август 2016 година, но завршиле во Сирија“, се вели во соопштението на експертите на ОН.
„Враќањето на овие две деца не треба дополнително да се одложува“, велат тие, додавајќи дека се верува оти полусестрите се наоѓаат во „Ал-Рох“.
Едното, 14-годишно девојче, има анемија и се верува дека претрпело сериозна рана од шрапнел на ногата, па ѝ биле потребни ортопедски помагала по трите операции. За второто, осумгодишно девојче, исто така се смета дека има лошо здравје.
Од Министерството за надворешни работи на Швајцарија нема никаква реакција на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Федералната влада на Швајцарија, во изјавата од 2019 година во врска со „патниците мотивирани од тероризам“, рече дека нејзината прва цел е заштита на земјата и нејзиното население, што е над индивидуалните интереси.
„Децата не треба да го носат страшниот товар на фактот дека се деца на лица наводно поврзани со означени терористички групи. Тие треба да бидат препознаени како жртви и нивната реинтеграција и обединување на семејството треба да биде приоритет ако е можно“, велат експертите на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Емануел Макрон: Постои ризик Европа да умре
Францускиот претседател Емануел Макрон за време на говорот на Универзитетот „Сорбона“ во Париз изјави дека постои ризик Европа да умре.
Макрон истакна дека битката за изградба на силна Европа е далеку од завршена и ризикува да заостане зад светските ривали во наредната деценија, пренесува „Ројтерс“.
Европа, како што оцени Макрон, е на пресвртна точка и мора да стори повеќе за да се натпреварува со забрзаното вооружување на своите глобални ривали.
Свет
Хамас: Ќе станеме политичка партија ако се формира палестинска држава
Заменик-претседателот на политбирото на Хамас за Газа, Калил ал-Хаја, рече дека палестинската милитантна група е подготвена да се договори за петгодишно примирје со Израел и да се претвори во политичка партија доколку се формира палестинска држава со границите од 1976 година.
Ал Хаја, претставник на Хамас во преговорите за прекин на огнот и враќање на заложниците, рече дека групата ќе прифати „целосно суверена палестинска држава на Западниот брег и Појасот Газа и враќање на палестинските бегалци во согласност со меѓународните резолуции“.
Во интервју за „Асошиетед прес“ тој додаде дека во тој случај военото крило на Хамас ќе биде распуштено.
„Сите искуства на луѓето што се бореле против окупаторите, кога се осамостоија и ги освоија своите права и својата земја, се претворија во политички партии, а нивните борбени сили се претворија во национална армија“, рече тој.
Тој оцени дека долго најавуваната израелска копнена офанзива во градот Рафа нема да го победи Хамас.
Свет
Погодена железница во Украина, оштетен и облакодер: Русите нападнаа со моќниот „Искандер“
Руски проектил оштети критична инфраструктура и повреди шест лица во регионот Черкаси во централна Украина, изјави регионалниот гувернер.
Во нападот беше погодена цивилната и железничката инфраструктура во градот Смила, изјави портпаролот на украинските воздухопловни сили, Илја Јевлаш, во телевизиски пренос. Според првичните информации, во нападот бил употребен проектил „Искандер-К“, додаде Јевлаш.
Оштетени се и 47 приватни станбени згради и искршени се прозорци во станбена висококатница, објави на „Телеграм“ гувернерот на Черкаси, Ихор Табурец. Украинската воздушна одбрана ја собори воздушната цел, рече тој, додавајќи дека службите за итни случаи се на терен.
Руските сили претходно ја оштетија железничката инфраструктура во нападот на реонот на Днепар на 19 април, како што објавија украинските железници „Укрзализница“ на „Телеграм“.