Европа
Орбан: Салвини е мој херој, а Макрон непријател
Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, е негов херој, а како свој главен противник во Европа го именува францускиот претседател Емануел Макрон.
„Тој е мој херој и мој сопатник“, рече Орбан во Милано пред средбата со Салвини. Тој истакна дека Салвини лесно би победил на избори во Унгарија, каде што, како што се пошегува Орбан, за среќа, нема да се кандидира.
Двајцата лидери, кои се приврзаници за построги прописи за прифаќање на мигрантите во Европа, ја потврдија согласноста од потребата за одбрана на границите.
„Нашата цел е да помогнеме таму каде што има проблем, а не да увезуваме проблеми. Унгарија е доказ дека мигрантите може да бидат запрени на копно“, вели Орбан, чија земја подигна боцкава жица по должината на границите со Србија и Хрватска. Додаде дека целта на Салвини е да осигури мигрантите да може да бидат запрени и на море.
Наспроти Салвини, Орбан како свој главен противник во Европа го именува францускиот претседател Емануел Макрон.
„Постојат два табора во Европа и едниот од нив го предводи Макрон. Тој е на чело на политички сили што ја поддржуваат имиграцијата. На другата страна сме ние што сакаме да ја запреме нелегалната миграција“, рече Орбан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Писториус: Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за војната во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус тврди дека Русија произведува повеќе оружје отколку што и е потребно за да ја продолжи својата специјална воена операција во Украина.
Во интервју за телевизијата „АРД“, тој беше прашан дали го дели стравот на балтичките земји дека Русија ќе може да ја нападне територијата на НАТО за неколку години, тој одговори дека нема кристална топка за да ја предвиди иднината, пренесе ТАСС.
„Но, она што го велат воените експерти и специјалистите за оружје е дека Русија го зголемува производството на оружје“, рече тој.
Писториус истакна дека поголемиот дел од произведеното не се испраќа на фронт, туку оди во магацини. Според германскиот министер за одбрана, во случај на ескалација ќе биде вклучено целото НАТО.
„Во тој случај треба да можеме да се одбраниме, да водиме војна која ќе ни биде наметната. Затоа не штедиме напори за соодветно опремување на вооружените сили во Европа, во НАТО“, додаде тој.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.