Daily news
Палестинец на Западниот брег уби израелски војник, Хамас во Газа погуби тројца Палестинци за соработка со Израел
Палестинец во четвртокот на Западниот брег (од реката Јордан) намерно со автомобил се залетал во двајца израелски војници, убивајќи еден и повредувајќи го другиот, соопшти израелската војска, а истовремено исламистичкото движење Хамас, во другата палестинска енклава Газа погубил тројца Палестинци осудени за соработка со Израел, бесејќи ги во рамките на кампањата со којашто сака да ги мотивира на преостанатите агенти на Израел тоа да го применат во замена за поблага казна.
Со убиството на израелскиот војник на Западниот брег, кој меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната од 1967 година, бројот на Израелците кои загинаа во бранот палестински улични напади со возила или студено оружје, кои започнаа во октомври 2015 година, се искачи на 39. Истовремено, во последните 18 месеци загинале најмалку 242 Палестинци во Израел и на палестинските територии.
Возачот е уапсен веднаш по инцидентот кој се одиграл рај еврејската населба Офра. Војниците стоеле на автобуска станица. Пред пет дена израелската полиција уби Палестинец кој со нож нападна тројца Израелци во ерусалимскиот Стар град.
Егзекуцијата којашто ја изврши Хамас во Газа, со којашто владее, била извршена во дворот на седиштето на полицијата во оваа енклава и на неа присуствувале челниците и функционерите на исламистичкото движење и на Газа. Министерството за внатрешни работи, коешто го води Хамас, објавил дека тројцата мажи на возраст од 32, 42 и 55 години, се осудени за предавство и шпионирање за непријателската стана.
Обвинетите на Израел му давале информации кои му помогнале да пронаоѓа и убива Палестинци, вклучително и челниците на воените фракции, смета министерството. Хамас на оние коишто кои ќе се предадат им нуди ублажена казна, анонимност и заштита на нивните семејства од стигмата којашто во Газа ја носи веста за соработка со Израел.
Судењата низ минатите две години ги спроведуваа судовите коишто, исто така, се под контрола над Хамас, а изрекувањето на најстрогите казни е одлучено по исцрпувањето на сите други правни процедури, истакнува министерството.
Хамас владее со Газа од 2007 година кога во судир ја презема власта од ривалското движење Фатах на претседателот на Палестинската самоуправа, Мамуд Абас, кој владее со Западниот брег. Судовите на Хамас од тогаш на смрт осудиле 106 и извршиле погубувања на 22 луѓе, тврдат палестинските и меѓународните здруженија за човекови права.
Палестинските власти на Западниот брег ги осудија овие бесења како незаконски, тврдејќи дека Хамас за нив не добил согласност од претседателот Абас кој смета дека осудените немале правични судења, пренесуваат агенциите Wafa и DPA, Палестинскиот закон предвидува Абас како претседател да го има конечниот збор за спроведување на егзекуциите.
Погубувањата во четвртокот го осудија и палестинските и меѓународните здруженија за човекови права./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.