Европа
Папата во Литванија им оддаде почит на жртвите на нацистите и на КГБ
Папата Франциско им оддаде почит на Евреите, кои биле убиени од страна на нацистите и жртвите на советскиот КГБ, за време на посетата на два меморијални центри подигнати во чест на најмрачните периоди од литванската историја.
По повод 75-годишнината од воената ликвидација во гетата во Вилнус, Франциско се помоли пред едноставниот камен споменик за 200.000 литвански Евреи убиени во земјата или во нацистичките концентрациони логори ширум Европа.
Кратко потоа поглаварот на Ватикан го посети блискиот Музеј на окупацијата и борбата за слобода, поранешен подрумски затвор на КГБ, каде Литванците кои биле сметани за непријатели на Советскиот Сојуз биле измачувани пред да бидат испратени во работничките логори на Сибир или погубени.
Папата се помоли и запали свеќа во собата на чии ѕидови има фотографии на католички свештеници и бискупи кои биле убиени или мачени во тој затвор.
Потоа тој влезе во собата за егзекуции во која биле убиени повеќе од 1.000 луѓе за време на советскиот период, а речиси 50 лица биле убиени во само една ноќ.
Затворов, рече папата, потсетува на тага и огорченост, беспомошност и напуштеност, суровост и бесмисленост кои Литванците ги преживеале од нескротливата амбиција на агесорот, која понекогаш го скаменува и заслепува срцето.
Откако Литванија се одвоила од Советскиот Сојуз во 1991 година, телата на речиси 800 лица убиени во тој затвор биле пронајдени во масовна гробница во Вилнус.
„Ова беше голгота на нашиот народ и искушение за нашата вера“, рече 79-годишниот бискуп Сигитас Тамкевичиус, кој бил затворен таму во 1983 година, по што минал шест години во советските работнички кампови. Тој беше во придружбата на папата при обиколката на затворот.
Советските власти убиле речиси 70.000 Литванци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.