Европа
Париз ги гаси светлата на Ајфеловата кула за да заштеди струја
Светлата на Ајфеловата кула наскоро ќе бидат исклучени повеќе од еден час порано во текот на ноќта, со цел да се заштеди електрична енергија, најави денеска градоначалничката на Париз, Ан Идалго.
Идалго рече дека иконската кула, која вообичаено е осветлена до 1 часот по полноќ, е само еден од градските споменици и општинските згради што ќе бидат „испратени во темнина“ порано во вечерните часови додека француската престолнина, како и остатокот од Франција и Европа се соочуваат со ризици од недостиг на струја, пренесува „Танјуг“.
Светлата на Ајфеловата кула ќе бидат исклучени по заминувањето на последниот посетител во 23:45 часот, почнувајќи од 23 септември, рече Идалго.
Другите знаменитости под раководство на градот, како што се кулата Сен Жак и Градското собрание, ќе бидат исклучени во 22 часот.
Тоа е симболичен, но важен чекор, според градоначалникот Идалго, кој ги отфрла критиките дека париските власти би можеле да направат повеќе за да ја намалат потрошувачката на енергија за 10 отсто, цел што ја постави претседателот Емануел Макрон во јули како дел од националниот план за заштеда на енергија.
Од безбедносни причини, уличните светилки ќе останат запалени низ Париз, а украсените мостови над Сена исто така ќе останат осветлени ноќе, изјави Идалго за новинарите.
Париските власти имаат за цел да заштедат енергија со поместување на почетокот на грејната сезона за цел месец, од средината на октомври до средината на ноември.
Исто така, планираат да ја спуштат температурата во јавните згради за еден степен, од 19 на 18 Целзиусови степени во работното време, а на 16 степени по работното време и за викендите.
Русија ги намали испораките на природен гас за неколку европски земји бидејќи тие ја поддржуваат Украина, што предизвика зголемување на цените на гасот и електричната енергија.
Тоа ја поттикна инфлацијата и предизвика страв од залихи како што се приближува грејната сезона, принудувајќи ги земјите да воведат мерки за зачувување и олеснување за потрошувачите и бизнисите, пренесе Политика.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.