Европа
Пахор, кој важи за најдобар познајник на Путин: „Ја изгубив сета верба во неговиот разум“
Словенечкиот претседател Борут Пахор го познава Путин подобро од кој било друг шеф на европска држава, пишуваат медиумите во регионот.
Според нив, на прашањето колку сериозно мора да се сфатат зборовите на Путин, Пахор изјавил дека зборовите на Путин „за жал, мора да се сфатат многу сериозно“. Тој рекол дека ако ова прашање му било поставено во февруари, одговорот ќе бил поинаков, а откога Путин решил да ја нападне Украина, Пахор во интервју за „Шпигел“ изјавил дека изгубил секаква верба во неговиот разум.
Пахор во интервјуто повеќе не ја исклучува можноста Русија да употреби нуклеарно оружје и смета дека „таков чекор би бил целосно ирационален“. Тој исто така забележува дека нема апсолутно никаква доверба во руското раководство и тоа, како што рекол, е навистина застрашувачко по три децении обид за подобрување на односите со Русија.
Пахор изјавил дека сега од клучно значење е Европејците да бидат обединети и да направат сѐ за да ја поддржат Украина во нејзината борба.
„Тешко беше да се замисли дека Русија може да ја нападне Украина. Јас лично инвестирав многу во односите меѓу Љубљана и Москва. Знаев дека Путин се држи до старомодните визии за Русија како голема сила. Не ни знаев дека тој би употребил брутална воена сила за да ја спроведе таа визија“, изјавил Пахор за „Шпигел“.
Пахор смета дека Европа направила доволно на полето на поддршката за оваа земја по нападот на Украина и дека „Путин е прилично изненаден од решителноста и единството на Европејците“.
Зборувајќи за бојкотот на руската нафта и гас, претседателот на Словенија рекол: „Нему му е совршено јасно дека мора да станеме независни од руските суровини и дека ни требаат нови доставувачи. Меѓутоа, на краток рок, целосниот бојкот е многу тежок. Поделбата во ЕУ би била најлошото нешто што може да се случи“, изјавил Пахор предупредувајќи дека „ако Путин види пукнатини во ЕУ, ќе работи на нивно продлабочување. Како ЕУ не можеме да си дозволиме да користиме разни стратегии кон Москва“, додал тој.
Пахор во интервјуто за магазинот „Шпигел“ предупредил дека руската армија не треба да се потценува.
„Русија е Русија. И таа е подготвена да направи големи жртви за да ги постигне своите цели“.
Запрашан од „Шпигел“ колку е опасен Путин во ширењето на војната надвор од Украина, Пахор изјавил:
„Постои голем страв од напади во Молдавија. Тоа може да влијае и на Грузија, индиректно и на Западен Балкан. Од одговорните во регионот зависи да направат сѐ за да се зачуваат мирот и стабилноста затоа што никој не знае како ќе се развива оваа криза“, истакнал тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.
Европа
Нова корупциска афера во Украина, осомничен министер за земјоделство
Украинската антикорупциска полиција го именуваше министерот за земјоделство Микола Солски како осомничен во кривичната истрага за незаконско стекнување на државно земјиште во вредност од седум милиони долари.
Солски, кој го надгледува производството на жито во Украина за време на војната од март 2022 година, рече дека не разбира зошто сега се појавија наводите поврзани со настаните од 2017 и 2018 година.
„Не се согласувам со обвинувањата“, им рече тој на новинарите во Киев откако Украинското национално биро за борба против корупцијата објави соопштение со резултатите од истрагата.
Канцеларијата соопшти дека министерот го предводел планот за стекнување на државно земјиште во вредност од околу 6,9 милиони евра и обид да се стекне земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски е првиот министер во владата на претседателот Володимир Зеленски кој е осомничен во корупциски скандал.
Зеленски се обидува да спроведе стапка на нулта толеранција за корупција, а минатата година го отпушти министерот за одбрана поради обвинувања за примање мито поврзани со одбранбената индустрија.
Законодавците изминативе денови порачаа дека очекуваат реконструкција на Владата, секако до крајот на пролетта.
Европа
Русија: Ќе ги таргетираме украинските магацини во кои се доставува западното оружје
Русија ќе ги интензивира нападите врз украинските бази за складирање во кои е сместено оружјето доставено од Запад, изјави денеска министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, а Соединетите Држави се подготвуваат да одобрат и достават долго одложувана нова воена помош.
Шојгу рече дека Русија „го отфрли митот за супериорноста на западното оружје“ и дека нејзините сили презеле иницијатива на фронтот долг 1.000 километри.
Тој алудира на фактот дека в сабота, по гласањето во Претставничкиот дом, Вашингтон е подготвен да достави нов пакет воена помош за Украина, вреден речиси 61 милијарда долари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев набргу ќе добие повеќе ракетни системи со долг дострел ATACMS како дел од ветениот пакет. Американските власти рекоа дека помошта ќе вклучува испорака на муниција и пресретнувачи за системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Со оглед на заканите од САД и нивните сојузници, ние мора да продолжиме да ги подобруваме составот и структурата на вооружените сили и да го зголемиме производството на најпопуларното оружје и воена опрема“, рече Шојгу додавајќи дека руските сили „ќе го зголемат интензитетот на нападите врз логистичките центри и базите за складирање на западното оружје“.
Рускиот министер за одбрана повтори дека Русија овој месец ги освоила селата Первомајске, Бохданивка и Новомихајливка.
Во понеделникот украинскиот командант го негира падот на Новомихајливка велејќи дека неговите војници сè уште држат 15- 20 отсто од селото.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските маринци, кои учествувале во заземањето на Новомихајливка, заробиле оружје од западно производство, вклучувајќи шведски фрлачи на гранати, американски противоклопни системи Javelin и системи за електронско војување на НАТО.