Свет
Пиромани се обиделе да запалат катедрала во Франција
Неидентификувани пиромани поставиле голема канта за отпадоци наспроти страничната врата на катедралата „Сен Пјер“ во Рен кон крајот на минатата недела и ја запалиле содржината во очигледен обид да ја запалат црквата, пренесува „Оест Франс“.
Пожарникарите од Рен пристигнале навреме за да го изгаснат пожарот, за кој веруваат дека бил намерно подметнат. Инцидентот се случил во текот на ноќта меѓу 11 и 12 јуни.
Сопственикот на еден ресторан во соседството го забележал и го пријавил пожарот околу 2 часот по полноќ.
„Почна да мириса на изгорено, па отидов да видам дали мирисот доаѓа од нашите кујни. Се качив на вториот кат и го отворив прозорецот што гледа кон црквата. Мирисот беше сè посилен и ги видов соседите како трчаат со кофи вода. Ми рекоа дека катедралата е во пламен“, вели тој.
Благодарение на брзата интервенција на пожарникарите, пожарот бил ставен под контрола пред да предизвика сериозна штета во црквата. Судската полиција ја презеде истрагата за подметнувањето на пожарот.
„Немаше упад во зградата, но вратата беше оштетена и делумно беше уништена од пламенот, а од чадот се поцрнети и плочникот и скалите пред црквата“, рече отец Ерван Делахеј, пасторот од катедралата.
Регионалната дирекција за култура (ДРАК) ги повика локалните занаетчии да извршат привремена поправка.
Во април 2019 година париската катедрала Нотр Дам се запали и претрпе огромна штета. Инспекторите не веруваат дека пожарот бил намерно подметнат, но непосредно пред пожарот во Нотр Дам, десетина католички цркви беа осквернавени низ Франција за само една недела.
За време на таа недела во март 2019 година, пироманите ја запалија црквата Сен Сулпис – една од најголемите и најважни цркви во Париз. Трошоците за реставрација на црквата од пожарот беа проценети на неколку стотици милиони евра.
Во Ним, во близина на границата со Шпанија, црквата Нотр-Дам де Енфант беше осквернавена на особено грозен начин- провалниците нацртале крст со човечки измет, ги ограбиле главниот олтар и табернакулот и ги украле осветените поскури, кои биле откриени подоцна меѓу купиштата ѓубре.
Во црквата Нотр Дам во Дижон, во Бургундија, беше оштетен високиот олтар, а вандалите ги извадиле осветените поскури од табернакулот, ги расфрлале на земја и ги изгазиле.
Група млади луѓе ја осквернавија селската црква Лаваур, во јужниот оддел на Тарн, извртувајќи ја едната рака на скулптурата на распнатиот Христос за да се чини дека тој прави непристоен гест. Иако медиумите се двоумеа да му припишат одредено религиско или културно потекло на сквернавењето, инцидентите имаа јасен антихристијански карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.