Свет
Писмо на лекар од Италија: Состојбата во болниците е драматична, нема слободен кревет
Доктор од Бергамо, на северот на Италија, ја опиша состојбата во италијанските болници и тешките услови за справување со коронавирусот.
„По долго размислување дали да пишувам за тоа што ни се случува, сфатив дека молчењето не е одговор. Ќе се обидам да им пренесам на луѓето што се случува во Бергамо во време на епидемија на коронаворусот. Јасно е дека паниката никогаш не е најдобро решение, но ме лазат морници кога ќе видам дека сериозноста на ситуацијата не допира до луѓето“, напиша на „Фејсбук“ докторот Даниеле Мачини, кој работи на интензивна нега во болницата во Бергамо.
„И самиот со некакво чудење минатата недела ја набљудував реорганизацијата на целата болница, кога сè уште немаше толку заболени. Полека почнавме да ги празниме одделите и ослободивме што повеќе кревети на интензивна нега за да се подготвиме за епидемија. Ходниците на почетокот беа празни, а многумина, вклучувајќи ме и мене, не очекувавме дека ќе нè снајде некоја сериозна катастрофа.
Точно се сеќавам на ноќниот повик пред една недела кога чекав резултати од брис и кога бев во паника поради првиот можен случај на заразата. А сега ситуацијата, во најмала рака, е драматична.
Борбата со вирусот буквално ескалира преку ноќ, а битката трае со денови без прекин. Сега потребата за слободен кревет стана очигледна. Почнаа да се пополнуваат сите оддели предвидени за изолација. Плочките со имињата на пациентите, кои инаку имаат различна бојна зависно од одделот, сега речиси сите се црвени. Наместо ознака за операција, гледате дијагноза која секогаш е проклето иста – билатерална пневмонија (воспаление на белите дробови предизвикано од коронавирус).
Сега објаснете ми убаво кој грип може да предизвика вака драматична ескалација? Кај нас се случува епидемиолошка катастрофа. Нема повеќе хирурзи, уролози, ортопеди. Сите станавме дел од единствен лекарски тим кој се соочува со ова цунами. Случаите на зараза буквално се множат, има приближно 15 до 20 дневно. Резултатите од брисевите доаѓаат едни по други: позитивен, позитивен, позитивен. Одделот за итни случаи е пред распаѓање.
Причините за доаѓање во болница секогаш се исти: температура, отежнато дишење, треска и кашлица. Радиолошките наоди се исто така речиси идентични: билатерална пневмонија, билатерална пневмонија, билатерална пневмонија. И сите треба да бидат хоспитализирани.
Некој се интубира и се праќа на интензивна нега. За други е предоцна… Секој распиратор злато вреди. Персоналот е исцрпен. Докторите пренесуваат кревети и префрлаат пациенти наместо медицинските сестри, и тие даваат терапии. Медицинските сестри се со солзи во очите затоа што не можеме да ги спасиме сите. Според виталните параметри, за некои пациенти веднаш е позната нивната судбина. Нема веќе смени, нема веќе часови. Социјалниот живот ни е на чекање. Веќе не ги гледаме нашите семејства од страв дека ќе ги заразиме. Некои од нас веќе заболеа, и покрај заштитата.
Некои од нашите колеги кои се заразени имаат и заразени роднини, а некои од нив се борат за живот. Значи, бидете трпеливи и внимателни, не одете во театри, музеи или вежбалници. Размислете за старите луѓе кои би можеле да ги заразите и убиете.
Ние се трудиме да бидеме корисни. И вие би требало да го направите тоа: во наши раце се животите на многу луѓе. Ве молам споделете ја оваа порака. Мораме на сите да им кажеме што се случува во Италија.
Ќе завршам со коментар за паниката. Не ја разбирам оваа војна со неа. Единствена причина за тоа, како што гледам, е недостигот на заштитни маски за лице, но и така веќе ги нема во продажба. Немаме доволно студии на оваа тема, но навистина ли паниката е полоша отколку занемарувањето на последиците од епидемија од ваков вид?“, прашува Мачини.
Според последните податоци, во Италија има 9.172 заразени, а 463 луѓе починаа од коронавирус. Моменталната стапка на смртност на северот на Италија е 5 отсто, што е повеќе отколку првичната проценка од 2 отсто. Според Светската здравствена организација, една петина од заболените има сериозни симптоми и потребно им е болничко лекување. Таквата состојба би можела да доведе до преотповареност на капацитетите и колапс на здравствениот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Еди Рама оттурна новинарка, не му се допадна прашањето што му го постави
Албанскиот премиер Еди Рама за време на прес-конференцијата ја оттурна новинарката бидејќи, според локалните медиуми, не му се допаднало прашањето што таа му го поставила.
Како што пренесува „Газета 10“, Еди Рама ја турнал репортерката на телевизијата СИРИ откога таа му поставила прашање.
Наводно новинароката го прашала премиерот „зошто парите на албанските даночни обврзници одат во новото пристаниште, а во сегашното пристаниште Драч се продаваат станови на приватни инвеститори“.
По тоа, дошло до физички контакт, а сè се случило додека бил опкружен со новинарски екипи.
A disgusting, yet no surprising gesture of #Albania PM, @ediramaal harassing a female journalist today. pic.twitter.com/0DFuUOzDwX
— Xhemajl Rexha (@xhemajl_rexha) March 19, 2024
„Ве молам, не допирајте ме повеќе“, рекла новинарката додека Рама си заминувал по инцидентот, пренесува „Блиц“.
Свет
Во Мексико нападната шефицата на полицијата на автопат, ѝ ја отсекле главата
Мексиканските власти вчера објавија дека една шефица полицајка и нејзините двајца помошници биле убиени при напад на автопат во државата Мичоакан. Агенцијата за државна безбедност на социјалните мрежи објави дека тројца полицајци биле убиени за време на должноста во неделата вечерта, пишува „Си-би-ес њуз“.
Меѓу нив беше и Кристал Гарсија Хуртадо, регионален полициски командант. Локалните медиуми јавија дека напаѓачите ѝ ја отсекле главата.
„Го осудуваме кукавичкото убиство на нашите колеги од полицијата, кои беа брутално нападнати додека ја извршуваа својата должност“, се вели во објавата на социјалните мрежи, во која се идентификувани другите две жртви како Ицел Мадеро Лареа и Давид де Хесус Еспиноза Валдез.
Нападот се случил на автопатот што ги поврзува градовите Пацкуаро и Уруапан. Државното обвинителство на Мичоакан, кое ја води истрагата, веднаш не го коментира инцидентот. Мичоакан има голем проблем со конфликтите меѓу бандите. На почетокот на овој месец тројца земјоделци беа разнесени со бомба.
Тоа се случи само неколку дена откако претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор призна дека импровизирана експлозивна направа убила најмалку четворица војници, во, како што рече, стапицата што веројатно ја поставил картелот Мичоакан. Во февруари двајца кандидати за градоначалник на градот Мараватио беа убиени за неколку часа еден од друг.
Свет
Лојд Остин: Нема да дозволиме Украина да пропадне
Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, на состанокот на контакт-групата за одбрана на Украина изјави дека Вашингтон нема да дозволи Украина да пропадне.
„САД нема да дозволат Украина да пропадне. Оваа коалиција нема да дозволи Украина да пропадне“, рече Остин на почетокот на состанокот на претставниците на 50-те земји, кои обезбедуваат воена помош за Украина, пренесува „Ројтерс“.
Средбата се одржува во американската воена база во Рајмштајн, Германија.