Свет
Повеќе од 50 повредени откако Саудијците продолжија со бомбардирањето на Сана
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија во четвртокот ги обвнови воздушните напади врз бунтовниците во главниот град на Јемен, Сана, во очигледна одмазда за нападот врз нафтоводот на „Арамко“, пренесува РТ.
Висок официјален претставник за здравство на Хутите, кои ја контролираат Сана, рече дека во саудиските напади загинале шест цивили, вклучувајќи четири, а повредени се 52 други, од кои две се Русинки што работат во здравствениот сектор.
Во еден од нападите било убиено цело семејство, а инцидентот се случил во густо населената населба Ал-Ракас во Сана.
Коалицијата соопшти дека спроведува напади против воени цели во Сана за неутрализирање на способноста на бунтовниците да вршат агресивни дејства.
Бомбашките напади се случуваат еден ден откако Хутите со беспилотни летала бомбардираа две саудиски пумпни станици за нафта. Ријад го обвини Иран дека го наредил нападот преку своите посредници, но Техеран и Хутите тврдат дека бунтовниците го извеле нападот самоиницијативно.
И борбите се обновени откако во јужниот дел на провинцијата Дале, каде што Хутите притискаат да освојат повеќе територија од јеменската влада поддржана од Саудиска Арабија. Во судирите загинале 27 лица, објави Мохамед Аскар, министер за човекови права во Јемен.
Насилството се разгорува по неколку месеци релативна смиреност, која започна откако во декември почнаа мировните преговори спонзорирани од ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.