Свет
Поранешниот претседател на Перу, обвинет за корупција, побара азил во Амбасадата на Уругвај
Поранешниот претседател на Перу, Алан Гарсија, побара азил во дипломатското претставништво на Уругвај во Лима, само неколку часа откако судијата му го задржа пасошот поради истрагите за корупција.
Перуанскиот министер за надворешни работи соопшти дека добил информации од уругвајскиот амбасадор дека Гарсија бил во амбасадата во саботата ноќта и побарал заштита, пренесува АП.
Перуанското Министерство објави дека ќе обезбеди дополнителни информации од Уругвај по барањето на Гарсија.
Судијата во Лима го одобри преходното барање на обвинителството да се забрани Гарсија да може да излегува надвор од земјата во текот на следните 18 месеци, а истражувачите ги испитуваат обвинувањата дека тој добивал незаконски пари од бразилскиот градежен гигант „Одебрехта“.
Компанијата се најде во центарот на најголемиот латиноамерикански корупциски скандал кога призна дека во договор со Министерството за правда на САД во 2016 година подмитила претставници во Латинска Америка и им исплатиле речиси 800 милиони долари во замена за големи инфраструктурни договори.
Скандалот доведе до апсење голем број високи политичари во регионот, особено во Бразил и Перу, каде што поранешниот претседател Педро Пабло Кучински поднесе оставка бидејќи тој претходно работел како консултант во компанијата, а Гарсија и двајцата поранешни претседатели, Оланта Хумала и Алехандро Толедо, се под истрага поради земање мито.
Гарсија, кој ги негира обвиненијата, е под истрага за мито, наводно парите ги добил за изградба на метро во Лима во текот на вториот претседателски мандат 2006-2011 година.
Ова е вторпат Гарсија да се обиде да излезе од земјата поради обвиненија за корупција. По завршувањето на неговиот прв мандат во 1990 година, тој помина девет години во егзил во соседна Колумбија, а потоа и во Франција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово
Европскиот парламент денеска одобри визна либерализација за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната управа на Србија, на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.
За извештајот на Немец, гласале 406 од 597 европратеници, 97 биле против, а 94 биле воздржани.
По гласањето во ЕП, последниот збор за овој предлог треба да го дадат министрите на Советот на ЕУ.
Претходно овој месец, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ се согласија со предлогот на ЕП и Советот на ЕУ за измена на регулативата за иматели на српски пасоши издадена од Координативната управа на Србија, со која се доделува визна либерализација на носителите на овие пасоши, пишува српската новинска агенција „Танјуг“.
Претходно, Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП на 9 април го усвои нацрт-извештајот за визна либерализација.
Целиот Западен Балкан ќе има ист визен режим за патување во ЕУ
Оваа одлука гарантира целиот регион на Западен Балкан да има ист визен режим за патување во ЕУ, објави тогаш ЕП.
Постои можност одлуката за визна либерализација за имателите на српски пасоши во Косово да почне да се применува до почетокот на летото.
Србите од Косово се единствените од Балканот на кои им е потребна виза за ЕУ
Србите од Косово и Метохија, кои поседуваат пасоши издадени од Координативната управа, која функционира во рамките на Министерството за внатрешни работи на Србија, се единствените на кои им е потребна виза за влез во земјите на ЕУ откако од 1 јануари годинава, беа укинати визите за граѓаните на Косово.
Во ноември 2023 година, Европската комисија предложи да почне постапка за вклучување на граѓаните на Косово, кои имаат пасоши издадени од Координативната управа на Србија, преку визна либерализација.
Свет
(Видео) Драматична снимка од спасување во Минесота, маж беше заглавен во запален автомобил
Група луѓе успеале да скршат запален автомобил и да спасат маж заробен во возилото, а драматичниот момент на спасувањето во Минесота беше снимен.
На видеото се гледа група луѓе околу автомобил зафатен од пламен. Тие очајнички се обидуваат да ја отворат вратата пред некој да го скрши прозорецот на возачот и потоа да го повлече на безбедно.
Инцидентот се случил минатиот четврток околу 18.30 часот.
Властите соопштија дека „хондата“ скршнала надесно и удрила во столб за осветление, а потоа и во заштитна ограда пред да се запали, создавајќи чад и голем пожар.
Возачот потоа бил пренесен во болница, но не добил сериозни повреди.
Европа
Евакуиран хотел во Рим поради отровни испарувања од базенот: пет лица отруени, затворени и околните улици
Најмалку пет лица се повредени во хотел во центарот на Рим кога дошло до испуштање штетни испарувања од базенот. Наредена е итна евакуација на сите присутни гости и вработени.
Според италијанските медиуми, повредените се во болница, а едно лице е во многу тешка состојба.
Повредени се вработените во хотелот, а најмалку 35 лица се евакуирани.
Во моментот кога алармот се вклучил, во хотелот имало само неколку туристи, кои биле на појадок.
Отровни испарувања доаѓале од бањата и велнес-центарот на долниот кат од хотелот, а се сомневаат дека се од базенот.
Полицијата го обезбедувала и просторот во непосредна близина на хотелот, а поради отровните испарувања, биле затворени околните улици.