Регион
Поранешниот шеф на Хипо банка преку видеоврска сведочеше на судењето против Санадер
Поранешниот шеф на Хипо банка, Гунтер Штрајдингер, преку видеоврска од затвор сведочеше на судењето против поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер, кој е обвинет за примање провизија од оваа австриска банка. Штрајдингер останал на својот исказ од 2011 година, но сега, за разлика од тогаш, бил испитуван преку видеоврска од Клагенфурт, каде што отслужува затворска казна поради незаконско работење.
Штрајдингер рекол дека се сеќава на своето претходно сведочење пред судот во Загреб, но дека поради времето што поминало, заборавил на деталите, освен тоа дека лично не ги водел преговорите за кредитот што Хрватска го зела по осамостојувањето за купување амбасади. Тој не можел да се сети дали преговарал и тогашниот министер за надворешни работи, Мате Граниќ, чиј заменик му бил Санадер, како ни тоа дали била исплатена провизија за која рекол дека е вообичаена при такви зделки.
Одбраната на Санадер истакна дека останува на своите приговори како и по првиот исказ на Штрајдингер, во кој, меѓу другото, рекол дека Санадер ветил дека Хипо банка во Хрватска ќе има повластена позиција. Во првиот исказ Штрајдингер потврдил дека провизијата му била исплатена на лице со име Еуген Лакса, но дека станува збор за помлад човек, а не за 80-годишник.
Во случајот со Хипо банка Санадер е осуден за воено профитерство поради обвинение дека во средината на 90-тите како заменик-министер за надворешни работи зел провизија од австриската Хипо банка, која на Хрватска ѝ дала кредит за купување згради за дипломатските претставништва. Уставниот суд во 2014 година ја укина пресудата и побара ново судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.
Регион
Вучиќ: За Словенците мислам се најдобро, но нема да им се извинувам на нивните политичари
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска во Њујорк изјави дека не сака да го навреди народот на Словенија и дека го мисли најдоброто за нив, но дека нема намера да им се извинува на нивните политичари бидејќи, како што рече, водат одвратна политика.
„Реков дека Словенците се одвратни, мислејќи на седницата на Советот за безбедност. Тоа беше темата и на сите им беше јасно дека се работи за поединецот и се работи за нивната политика. Сигурно не треба да се користи вокабуларот, но јас на човечки начин кажав што мислам за нивната политика“, рече Вучиќ во обраќањето пред новинарите.
Тој додаде дека на Словенците им мисли најдобро како народ и дека има многу пријатели и роднини во Словенија.
„Ако некого сум навредил, сакам да и се извинам на целата јавност во Словенија и истовремено да кажам дека нема да им се извинувам на словенечките политичари, бидејќи тие водат одвратна политика кон Србија и српскиот народ“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека неговата изјава е извадена од контекст и е оценета како нешто „страшно“, но дека нарушувањето на територијалниот интегритет на Србија не е оценето како „страшно“.
„Не е страшно што ја спонзорираат резолуцијата за Сребреница против нашиот народ, без претходно да не консултираат, да не информираат или да не прашаат. Ја користам можноста да ги поканам, премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар во Белград и Србија. Дефинитивно треба уште еднаш да се извинам, да укажам дека секако не мислев на Словенците, туку да им кажам в лице што мислам за нивната лоша политика кон Србија и српскиот народ“, заклучи Вучиќ.
Регион
Словенечката опозиција бара истрага за случаите со крадење бебиња во Југославија: „Можеби се продадени повеќе од 20.000 деца“
Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавните службеници во случаите на кражба на деца во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
„Во таканаречената трговија со бебиња, којашто се случуваше воглавно во 70те и 80те години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 деца можеби се продадени“, рече Јерај и додаде дека се соработува со српските друштва за овие случаи, пренесе СТА.
Овој проблем минатата година словенечкото здружение на родители на украдени деца го презентираше до собраниската Комисија за претставки, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во неколку случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени.