Европа
Последен ден од европските избори, гласаат поголем дел од државите
Дваесетина земји од Европската Унија денеска гласаат на европските избори, откако вчера гласаа Летонија, Малта и Словачка, а претходно гласаа и Британците, Холанѓаните, Ирците и Чесите.
Од четвртокот до денеска околу 418 милиони гласачи низ 28 земји на ЕУ може да учествуваат на изборите, во едни од најголемите светски демократски избори.
Денеска гласаат 21 земја. Избори има во Германија, Франција, Австрија, Полска, Шведска, Финска, Данска, Бугарија, Романија, Италија, Словенија, Хрватска, Грција, Малта, Белгија, Луксембург, Шпанија, Португалија, Естонија, Литванија и Унгарија.
Изборите започнуваат нов политички циклус во ЕУ, кој вклучува и промена на водството на нејзините институции. Исто така, изборите доаѓаат во време на планирано излегување на Велика Британија од Унијата, како и закани кои следат од надвор и од внатре, велат аналитичарите.
Истражувањето на јавното мислење покажува дека крајно десничарските политички партии би можеле добро да поминат, што потенцијално би можело да го загрози носењето на одлуки во ЕУ во наредните пет години. Одѕивот на изборите на ЕУ вообичаено е низок, што на маргиналните партии им оди во прилог.
Привремените резултати во сите земји ќе бидат објавени денеска во 23 часот, кога се затвораат гласачките места, во последната земја на ЕУ, Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Повеќе од сто килограми кокаин пронајдени меѓу банани во супермаркети во Германија
Вработени во неколку германски супермаркети во Берлин и Бранденбург откриле повеќе од 100 килограми кокаин во пакувања со банани, пренесува „Билд“ повикувајќи се на полициски извори.
Во Бранденбург, како што се наведува, во најмалку четири продавници биле пронајдени меѓу 20 и 100 килограми кокаин, пренесува „Танјуг“.
Полицијата во моментот спроведува истрага со проверка на стоката во продавниците поради што сѐ уште не се знае конечната количина дрога во нив, но не и информацијата во колку продавници има.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.