Свет
По низа грешки, министерот за здравство на Нов Зеланд поднесе оставка и се нарече идиот
Новозеландскиот министер за здравство, Дејвид Кларк, денеска поднесе оставка по низа лични грешки за време на пандемијата на коронавирусот.
Кларк себеси претходно се опиша како „идиот“ бидејќи ја прекршил мерката за карантин, по што минатата недела го обвини генералниот директор на здравството, Ешли Блумфилд, за пропусти на границите, што предизвика бес во јавноста.
Сепак, тој со поднесувањето на оставката рекол дека во работата ја вложил сета своја енергија, но и дека планира да остане во парламентот како пратеник од понизок ранг.
Премиерката Џасинда Ардерн изјави дека е подготвена да ја прифати неговата оставка.
„Од суштинско значење е нашето здравствено раководство да ја има довербата од јавноста“, навела Ардерн во соопштение и додала дека го поставила министерот за образование, Крис Хипкинс, за привремен министер за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Разузнавачки извор за „Си-ен-ен“: Директните напади меѓу Израел и Иран завршија
Регионален разузнавачки извор рече дека директните напади меѓу Израел и Иран се завршени.
Изворот разговарал за Си-Ен-Ен под услов да остане анонимен околу два и пол часа по објавувањето на нападите. Изворот вели дека, според неговите сознанија, не се очекува Иран да одговори на нападот, но не наведе причина.
Претходно и висок ирански функционер изјави за Ројтерс дека „Иран нема план за итна одмазда против Израел“.
Израел се уште не потврдил дека го извршил нападот врз Иран, а тврдењата за нападот дојдоа од Вашингтон.
Од друга страна, од Иран доаѓаат контрадикторни информации, но нема официјален извештај.
Пред само еден час, ирански аналитичар изјави за иранската државна телевизија дека „мини-дроновите соборени од противвоздушната одбрана во Исфахан биле управувани од инфилтратори од Иран“.
Претходно, пак, ирански функционер изјави за Ројтерс дека немало ракетен напад и дека експлозиите биле резултат на активирање на иранските системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Украина тврди дека соборила руски бомбардер
Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле руски стратешки бомбардер, за прв пат од почетокот на руската инвазија, а Москва објави дека авионот се урнал поради „технички дефект“ и дека еден член на екипажот загинал.
„За прв пат противвоздушните ракетни единици на Военото воздухопловство во соработка со одбранбеното разузнавање на Украина го уништија стратешкиот бомбардер со долг дострел Ту-22М3, кој носи крстосувачки ракети Х-22“, изјави командантот на украинските воздухопловни сили на Телеграм.
Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) соопшти дека рускиот авион „бил соборен благодарение на специјалната операција спроведена од украинското одбранбено разузнавање во соработка со воздухопловните сили“.
Руското Министерство за одбрана не потврди дека украинската страна нападнала еден нејзин авион, но воен извор изјавил за новинската агенција ТАСС дека бомбардерот Тупољев-22М3 се урнал во регионот Ставропол по борбена мисија додека се враќал во базата. Според овој извор, авионот не носел оружје.
Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН
Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик-портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, го нарече американското вето „еклатантна агресија …туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.