Свет
По речиси една година пандемија, во светот постојат земји што не пријавиле ниту еден случај
Пандемијата на коронавирусот трае речиси една година, а сепак во светот има девет земји што официјално не пријавиле ниту еден случај на Ковид-19.
Тоа се Северна Кореја, Туркменистан, Самоа, Кирибати, Сојузните Држави на Микронезија, Тонга, Палау, Тувалу и Науру, пренесува „Б92“.
Најголемата од сите, Северна Кореја (25,7 милиони жители), објави дека има еден сомнителен случај на 26 јули, но подоцна наводно со тест било потврдено дека лицето е негативно.
Северна Кореја беше првата земја што целосно ги затвори своите граници кога почна пандемијата на 21 јануари.
Туркменистан (шест милиони жители), централноазиска земја лоцирана помеѓу Казахстан, Узбекистан, Таџикистан, Иран и Авганистан, границите ги затвори пред еден и пол месец и нема пријавено ниту еден случај на корона.
Постојат шпекулации дека официјалните извештаи не одговараат на реалната состојба, а оваа земја особено го привлече светското внимание кога нејзините официјални лица во еден момент рекоа дека го забраниле постоењето на вирусот, иако подоцна следуваше дообјаснување дека станува збор за погрешно пренесена изјава.
Самоа е пацифичка земја со 200.000 жители, која воведе рестриктивни мерки на 25 март, а воздушниот сообраќај беше целосно прекинат.
Кирибати (120.000 жители) исто така не пријави случаи на Ковид-19, а од 30 март училиштата беа затворени само две недели.
Сојузните Држави на Микронезија (115.000 жители) исто така бргу ги забранија меѓународните летови и најпрвин ги стопираа летовите од Кина, како и пристигнувањето кинески државјани.
Тонга (105.000 жители) има строги мерки од февруари, а кога во земја во околината беше забележан случај на коронавирус, Тонга ги затвори своите граници за странци дозволувајќи им само да ја напуштат земјата.
Палау (18.000 жители), друга островска држава на Пацификот, не забележа ниту еден случај на коронавирус, иако имаше еден сомнителен случај на патник што дошол од Гуам, но тој бил негативен на тестирањето.
Тувалу (12.000 жители) се смета за една од најмалку посетуваните земји во светот бидејќи има помалку од 200 туристи годишно. Оттука не е изненадувачки што тие немаат забележано ниту еден случај на Ковид-19.
Науру (11.000) е толку мала земја што можете да ја обиколите за еден ден и без поголеми проблеми успеа да остане зона без Ковид-19, а заедно со Тувалу на годишно ниво има најмалку туристи во светот, пренесува „Б92“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Таџикистан се уапсени девет лица поврзани со масакрот во Москва
Таџикистан уапси девет лица осомничени дека се поврзани со масовното пукање во руската концертна сала минатиот петок, како и милитантна исламистичка група која ја презеде одговорноста за нападот, изјави таџикистански безбедносен извор за Ројтерс. Четворицата осомничени напаѓачи зад најсмртоносниот напад во Русија во последните 20 години се државјани на Таџикистан. Тие беа уапсени со уште седум други осомничени, од кои некои исто така потекнуваат од поранешната советска централноазиска земја.
Одборот за државна безбедност на Таџикистан приведе девет лица во градот Вахдат. Осомничените сега се во главниот град Душанбе, рече изворот, но не даде детали. Најмалку 143 лица загинаа во напад на концертна сала во близина на Москва.
Таџикистан, член на безбедносниот блок предводен од Русија и дом на руската воена база, ги собра семејствата на осомничените напаѓачи за да можат да бидат испрашани од руските истражители во Душанбе, изјавија извори за Ројтерс.
Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во концертната сала, а американските официјални лица рекоа дека имаат разузнавачки информации кои укажуваат на тоа дека нападот го извршил авганистанскиот огранок на мрежата, Исламската држава Хорасан (ИСИС-К).
Руските истражители вчера објавија дека пронашле докази дека напаѓачите се поврзани со „украински националисти“. САД веднаш го отфрлија тврдењето како неоснована пропаганда. Киев остро негираше каква било вмешаност во нападот на концертната сала.
Регион
Нов силен земјотрес ја погоди Грција: се стресе на Крит
Нов земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција, соопшти ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран на Крит, на 62 километра од Ираклион, на длабочина од 16 километри.
Земјотресот е регистриран во 12.37 часот по локално време.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
Грција утрово ја погоди силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала по што следеа афтершокови.
Регион
Мајката на двегодишната Илиќ донесена во полиција: распитувањето за исчезнувањето на ќерката продолжува
Ивана Илиќ, мајката на двегодишната Данка, е донесена во полиција во Бор, потврдија од полицијата за „Телеграф.рс“.
Нејзиното сослушување продолжува и денеска.
Таа, неофицијално, не е осомничена.
Ќе одговара на прашања за детето, навиките, односот со сопругот, семејството, роднините, пријателите, пренесува медиумот.
Исчезнувањето на детото го пријавила на 26 март годинава во 13.45 часот.