Европа
Претседателката на Европската комисија патувала со авион на релација од 50 километри
Претседателите на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, жестоко говори за заштита на животната средина и борбата против климатските промени, но со личен пример изгледа дека не се грижи премногу за глобалното затоплување. Имено, како што пренесува британски „Телеграф“, Урсула фон дер Лајен од нејзиното назначување на престижна позиција во декември 2019 година отпатувала на вкупно 34 службени патувања, од кои дури 18 наврати користела приватен авион.
За ситуацијата да биде уште поинтересна, таа еднаш користела авион за да патува од Виена до Братислава, иако растојанието меѓу главните градови на Австрија и Словачка е само еден час со автомобил. Но не, Урсула фон дер Лајен се одлучила за авионски лет, кој траел 19 минути. Нејзините постапки воопшто не се согласуваат со официјалната политика на Европската Унија, за испуштање на нула емисии на јаглерод диоксид.
Британскиот дневен весник објави и дека Урсула фон дер Лајен во два наврати користела авион од Брисел до Стразбур – лет што траел нешто повеќе од половина час, а околу 4 часа со автомобил. Таа и група европски комесари брзале на состаноците на Европскиот парламент, кој заседава во овој француски град.
Европската комисија ја бранеше својата претседателка.
„Односите со шефовите на држави и влади се многу важни и бараат малку повеќе од само контакти со Зум, што значи користење на авиони изнајмени за некои патувања, рече Ерик Мамер, портпарол на ЕК.
Покрај тоа, поради пандемијата на коронавирусот, комерцијалните летови се помалку достапни, како и возовите, објасни тој. Комисијата посочува дека авиокомпанијата од која се изнајмени приватните авиони ги компензира емисиите на јаглерод диоксид од патувањето на Фон дер Лајен.
Британскиот премиер Борис Џонсон исто така беше цел на критики на почетокот на оваа недела, кога се враќаше од Глазгов во Лондон со авион, кој загадува многу повеќе од воз. Неговиот портпарол истакна дека горивото што го користи официјалната влада Ербас е „одржливо“ и дека емисиите на јаглерод се компензирани.
Бројни истражувања покажаа дека малите приватни авиони со капацитет до две десетини од патниците испуштаат дури 20 пати повеќе јаглерод диоксид во атмосферата од големите комерцијални авиони, кои можат да превезат неколку стотици патници. Малите патнички авиони испуштаат и 50 пати повеќе јаглерод диоксид од возовите. Јаглерод диоксидот е главниот виновник за предизвикување на ефектот на стаклена градина, што доведува до глобално затоплување.
Пандемијата затвори голем дел од светот и економијата зависна од фосилни горива, предизвикувајќи неверојатни 5,4 отсто пад на вкупните емисии во 2020 година. Сепак, оваа година нивото на штетни гасови е само за еден отсто пониско отколку во 2019 година, пред пандемијата. се наведува во извештајот на Global Carbon Project.
Претставници на повеќе од 40 земји постигнаа договор за елиминирање на јагленот од употреба во производството на електрична енергија во периодот од 2030 до 2040 година. Меѓу земјите кои постигнаа договор се Полска, Виетнам и Чиле, кои се меѓу најголемите потрошувачи на јаглен, чие согорување испушта штетни материи во атмосферата кои доведуваат до глобално затоплување. Интересно е што договорот во Глазгов не го одобрија земји како Австралија, Индија, САД и Кина, кои се најзависни од потрошувачката на јаглен, а со тоа и најголеми загадувачи на атмосферата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанскиот премиер размислува да се повлече од функцијата, отворена истрага против неговата сопруга
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска објави дека се повлекува од јавните должности затоа што мора „да застане и да размисли“ дали ќе продолжи да биде шеф на владата откако судот во Мадрид отвори прелиминарна истрага против неговата сопруга за корупција и трговско влијание.
„Итно ми треба одговор на прашањето дали вреди, дали да продолжам да ја водам владата или да се откажам од оваа чест“, објави тој преку социјалната мрежа „Икс“.
Синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце) ја пријавил неговата сопруга Бегона Гомез дека им помагала на претприемачите на јавни тендери и го искористила тоа. Судот претходно денеска соопшти дека отворил истрага, без да даде детали.
Министрите од левичарската влада на Санчез оценија дека се работи за лажен извештај и дека синдикатот што го доставил е близок до екстремната десница.
Европа
Суспендиран рускиот свештеник кој одржа јавна молитва за Навални
Рускиот православен свештеник, кој во март отслужи служба за мртвите за починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални, е суспендиран од свештеничките должности на три години, соопшти Московската епархија на Руската православна црква.
Во соопштението објавено вчера на официјалната веб-страница на епархијата, не се наведува зошто е казнет свештеникот Дмитриј Сафронов. Нему му е забрането да дава благослов, да ја носи облеката и крстот на црковниот свештеник до 2027 година.
Сафронов треба да биде префрлен и во друга црква во Москва за да ги извршува должностите на читател на псалми. По завршувањето на периодот на покајание, врз основа на повратни информации од местото на послушанието, ќе се донесе одлука за можноста за негова понатамошна свештеничка служба“, се вели во соопштението на епархијата.
Сафронов одржа комеморација на 26 март, на која присуствуваа илјадници луѓе кои дојдоа да се простат од Навални, најжестокиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија.
Навални почина во февруари на 47-годишна возраст во казнена колонија на Арктикот.
Европа
Судот во Русија ја одби жалбата на американскиот новинар кој е во затвор поради шпионажа
Руски суд денеска ја отфрли последната од серијата жалби на новинарот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, против истражниот затвор под обвинение за шпионажа.
Гершкович (32) е првиот американски новинар уапсен во Русија под обвинение за шпионажа по Студената војна. На 29 март минатата година тој беше приведен од Федералната служба за безбедност (ФСБ), а беше уапсен на задача во рускиот град Екатеринбург.
Руските власти тврдат дека тој се обидувал да дојде до доверливи информации кои требало да и ги пренесе на американската влада, но новинарот, весникот за кој работи и американската влада негираат дека тој е шпион.
Датумот на судењето се уште не е одреден, а притворот минатиот месец му беше продолжен за уште три месеци и треба да трае до 30 јуни.
Минатомесечното рочиште беше затворено за печатот, но во вторникот на новинарите им беше дозволено да го снимат Гершкович додека тој стои во стаклената кутија во судницата и им се насмевнува на колегите од медиумите.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека во одреден момент Гершкович би можел да биде ослободен во замена за рускиот затвореник кој се држи во странство, но таков договор се уште не е постигнат.