Свет
Претставничкиот дом дозволи зголемување на лимитот за задолжување на САД
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го усвои вчера законот за привремено укинување на лимитот за задолжување, кој моментно изнесува 31,4 трилион долари, благодарение на поддршката на демократите и републиканците, членови на центарот на двете партии, пренесува „Гласот на Америка“.
Во вторникот вечерта непартиската Канцеларија за буџет на Конгресот пресмета дека предлогот ќе резултира со заштеда од 1,5 трилион долари во следните десет години.
Противењето на конзервативното десно крило на Републиканската партија беше надминато и беше избегнато катастрофалното сценарио САД да не може да си ги платат задолжувањата.
Претставничкиот дом, во кој има тесно републиканско мнозинство, го испрати законот до Сенатот, кој ќе треба да ја усвои мерката и да му ја достави за потпис на претседателот Џо Бајден пред крајниот рок в понеделник кога се очекува федералната влада да остане без пари.
„Овој договор е добра вест за американскиот народ и за американската економија. Го повикувам Сенатот да го усвои што е можно побргу за да можам да го потпишам“, рече Бајден по гласањето.
Предложената мерка, компромис меѓу Бајден и претседателот на Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, наиде на противење кај 71 тврдокорни конзервативни републиканци. Тоа вообичаено би било доволно за да се блокира меѓупартискиот предлог, но 165 демократи – повеќе од 149-те републиканци што гласаа – ја поддржаа мерката и овозможија да помине.
Законот привремено го укинува лимитот за задолжување на федералната влада до 1 јануари 2025 година, што им овозможува на Бајден и Конгресот да го тргнат настрана политички ризичното прашање до претседателските избори во ноември 2024 година.
Со него исто така се бара замрзнување на федералните трошоци до 2024 година и нивно зголемување за 1 % во 2025 година, се забрзува процесот на издавање дозволи за одредени енергетски проекти, ѝ враќаат на федералната влада 30 милијарди долари непотрошена помош од пандемиските фондови и ги зголемува барањата за квалификување за програмите за помош во храна, т.е. бонови за храна.
Републиканците од тврдата струја сакаа поголемо намалување на трошоците, а либералдемократите, кои заедно со Бајден се спротивставија на преговорите за плафонот на долгот, беа против законот по неколку основи, вклучително и новите услови за корисниците на владините програми за помош на сиромашните.
„Републиканците нè принудија да одлучиме кои ранливи Американци ќе добијат шанса да јадат и нè ставија во ситуација да не можеме да си ги платиме долговите. Тоа, едноставно, не е во ред“, рече демократскиот конгресмен Џим Мекговерн.
Битката за законот се претвори и во тест за авторитетот на Мекарти како претседател на Претставничкиот дом. Мекарти беше избран во јануари по 15 круга гласање откако им вети на ултраконзервативните членови на Конгресот дека ќе биде повеќе вклучен во напорите за намалување на буџетот на владата.
САД хронично страдаат од дефицит од неколку илјади милијарди долари секоја година, што само го зголемува долгорочниот вкупен долг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Принцот Вилијам проговори за Кејт Мидлтон: „Жал ми е што не е тука со нас“
При посетата на едно училиште во Велика Британија, принцот Вилијам се извини што неговата сопруга Кејт Мидлтон не била со него.
Конечно се врати на обврските откако извесно време беше на пауза поради приватни причини.
Во разговор со член на персоналот, Вилијам накратко ја спомна сопругата Кејт.
„Жал ми е што Кејт не може да биде тука со нас. Таа сакала”, рекол Вилијам.
Медиумите потсетуваат дека минатиот месец принцезата Кејт Мидлтон објави дека се бори со рак, но во видеото кое го објави не прецизираше за каков вид на рак се работи.
По Божиќ се повлече од јавноста, а во јануари имаше операција на абдоменот.
Европа
(Видео) 19-годишна девојка во Украина се обидела да го продаде синот, барала 23.500 евра
Во украинскиот град Днипро, 19-годишна девојка се обидела да го продаде сопствениот двегодишен син, соопшти локалната полиција, пренесоа украинските медиуми.
Девојката наводно побарала еден милион гривни, што е околу 23.500 евра за своето дете. 19-годишната девојка наводно му го понудила детето на својот познаник и договорила средба со него. Во вторникот полицијата приведе маж додека носел пари на договорена локација.
Девојката наводно рекла дека не сака да се грижи за својот син, па решила да го продаде. Со парите што ги добила планирала да отвори сопствен бизнис.
Детето е земено во полиција и предадено на надлежните органи. Против неговата мајка е подигнато обвинение за трговија со луѓе.
Свет
Русија со најава: Ги преместуваме системите „Искандер“ на границата со Финска
Русија најави дека ќе ги премести ракетните системи способни да носат нуклеарно оружје на границата со Финска. Прокремљскиот весник „Известија“ минатата недела објави дека руското Министерство за одбрана формирало посебна ракетна бригада во руската република Карелија со системи „Искандер-М“, кои можат да лансираат конвенционални и нуклеарни ракети.
Русија ја нарече провокативна, одлуката на Финска за влез во НАТО, а потоа и приемот на Шведска. Искандерите се сметаат за централен дел на новоформираниот руски воен округ Ленинград (ЛМД), кој беше создаден како одговор на пристапувањето на Хелсинки во НАТО.
Генерал-мајор Хари Ора-ахо, поранешен директор на финската воена разузнавачка агенција, го коментираше овој потег.
„Ако ова се оствари, нема да промени ништо“, напиша тој на X. „Во секој случај, ние треба да се браниме од ракетите Искандер“, рече тој, додавајќи дека такви проектили веќе се распоредени јужно од Санкт Петербург.
„Оперативно изгледа апсурдно да се приближуваат вакви ракетни системи со долг дострел до нашата граница, тие се лесни цели за нас“, додаде тој.