Свет
Путин реши да не протерува никого, на Обама му посака успех
Рускиот претседател Владимир Путин, и покрај препораките на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров реципрочно да одговори на одлуката на американскиот претседател Барак Обама кој протера од САД 35 руски дипломати, објави во петокот дека донел одлука да не се протеруваат американските дипломати од Русија, како одговор на новите санкции на Вашингтон против Москва.
Претходно во петокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руската државна телевизија изјави дека на претседателот Владимир Путин ќе му предложи протерување и прогласување за непожелни личности на 31 дипломат од американската амбасада во Москва и четворица од американскиот конзулат во Санкт Петербург.
„Руските дипломати кои се враќаат во татковината ќе ги минат новогодишните празници во кругот на семејствата и пријателите – дома. Ние нема да им правиме проблеми на американските дипломати. Никого нема да протераме“, се наведува во писмената изјава на Путин која ја објави Кремљ.
Путин додава дека Русија нема „да им забрани на семејствата и на децата на дипломатите да ги користат вообичаените места за нивен одмор и празнување на новогодишните празници. Напротив, сите деца на американските дипломати акредитирани во Русија се поканети на Нова година и на Божик во Кремљ“, додава рускиот челник.
„Го задржуваме правото да одговориме со соодветни мерки но нема да се спуштаме на ниво на ‘кујнска’ неодговорна дипломатија и натамошните чекори за обновување на руско-американските односи ќе се градат на основа на политиката што ќе ја спроведува администрацијата на претседателот Доналд Трамп“, истакнува Путин.
Вели натаму дека како провокација ги гледа новите „непријателски чекори од досегашната администрација“ на САД „со цел за натамошно поткопување на американско-руските односи“.
„Тоа јасно им противречи на основните интереси, како на рускиот, така и на американскиот народ, имајќи ги предвид одговорностите на Русија и САД за зачувување на глобалната безбедност, и нанесува штета на целиот спектар меѓународни односи“, предупредува Путин.
„Тажно е што администрацијата на претседателот Обама ја завршува својата работа на овој начин, но, сепак, јас нему и на неговото семејство им посакувам среќна Нова година“, наведува Трамп и додава дека „му честитам и на новоизбраниот претседател Трамп и на целиот американски народ! Ви посакувам на сите благосостојба и просперитет“, им порачува Путин на Американците.
Американскиот претседател Барак Обама нареди во четвртокот протерување на 35 руски дипломати осомничени за наводни шпионирања и хакирања на серверите на неговата Де Демократска партија, што наводно помогнало нивната претседателска кандидатка да ги загуби претседателските избори на 8-ми ноември за сметка на републиканскиот кандидат Доналд Трамп, како и во полза на некои други републикански кандидати. Исто така, наметна санкции за двете руски разузнавачки агенции, особено за нивното работење на билатерална основа во САД.
Демократите на Обама го обвинуваат Кремљ дека преку руски хакери предизвикал истекување на десетици доверливи електронски преписки. Лавров одговори дека тие американски обвинувања се без основа и докази, и порача дека санкциите нема да минат без одговор. Рускиот премиер Дмитриј Медведев, пак, изрази жалење за тоа што администрацијата на Обама го завршува својот мандат во „антируска агонија“.
Трамп најави дека следната седмица ќе се сретне со челниците на американските тајни служби, по одликата на Обама да воведе нови санкции против Русија. Во писмената изјава Трамп вели дека очекува водечките луѓе на разузнавачката заедница да го известат за сите факти, иако претходно месецов рече дека тие се истите луѓе кои објавуваа дека Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување, што подоцна се покажа неточно.
Меѓутоа, Трамп додаде дека „време е нашата земја да започне да се занимава со поважни и подобри работи“. Претходно во четвртокот рече дека не верува во овие обвинувања, а американската јавност го поставува прашањето дали ќе ги укине најновите мерки откако на 20-ти јануари ќе ја преземе должноста.
Мерките кои Обама ги воведува последните денови од својот мандат, вклучително и тензиите кои ги предизвика неговата администрација со традиционалниот сојузни Израел, се нов удар врз американско-руските односи кои се силно затегнати поради несогласувањата околу кризите во Украина и Сирија.
Обама изјави дека тоа „не се сите санкции“ и предупреди дека САД „ќе преземат и други мерки кога за нив ќе дојде времето, вклучително и оние коишто нема да бидат објавени јавно“, алудирајќи најверојатно на кибернетички напади или други субверзивни активности, проценуваат медиумите.
Во соопштението кое ги издаден од Хаваи, каде се наоѓа на одмор, Обама ги повикува „пријателските и земјите сојузнички“ на САД „заедно да работат на спротиствување на руското поткопување на добрите меѓународни обичаи и вмешувања во демократските процеси“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Двегодишното девојче кое исчезна во Србија се бара насекаде, полицијата врши распити на голем број лица
Потрагата по девојчето Данка Илиќ (2), кое во вторникот исчезна во Бањско поле во Бор, се уште трае и не се знае како е можно девојчето да се изгуби. Полицијата ја проверува секоја информација што ќе дојде до нив, сослушани се неколку лица, повторно се разговараше со родителите, но ниту една информација не укажува на тоа што се случило и каде е Данка, пишува „Нова.рс“
Екипата на порталот денеска беше во Бањско поле каде се уште има голем број полицајци. Властите со багер го чистеа теренот околу куќата во која последен пат била видена Данка. Исто така, на имотот е извршено ископување, а јамите повторно се пребаруваат.
Полицијата ја истражува секоја трага што може да укаже на тоа што се случило со девојчето.
„Полицијата разговараше со голем број луѓе, соседи, познаници, се со цел да ја пронајде Данка. Досега ниту една трага не довела до тоа каде е девојчето или што и се случило“, вели изворот на Нова.рс.
Истрагата се одвива во повеќе правци, а денеска полицијата повторно разговараше со родителите на девојчето.
„На вториот ден од нејзиното исчезнување, родителите на девојчето биле во полиција до доцна во ноќта. Тие утрово биле повторно повикани, а исто така цел ден поминале во полициска станица. Не се познати околностите врз основа на кои два дена биле на распит. Извесно е дека родителите вчера имале разговори и со Центарот за социјална работа, а повеќе од тоа не се знае“, додава изворот на „Нова.рс“.
Неофицијално беше објавено и дека полицијата нашла нова трага, односно дупка на местото на кое исчезна девојчето, и дека целото внимание го насочува кон тоа.
Она што е сигурно е дека се проверуваат сите околности и се сослушуваат и сите лица кои можеби имаат сознанија за случајот.
Меѓу нив е и кој бил зад воланот на автомобилот „пунто“ што го снимиле надзорните камери на куќата во Бањско Поље, во моментот на исчезнувањето на малата Данка. Куќата пред која е снимен автомобилот се наоѓа на стотина метри од местото каде исчезна Данка.
На снимката се гледа автомобил кој брза околу 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, околу 13 часот и 45 минути, како што вели нејзината мајка.
„Ја знам таа жена, ја видов како носи две деца во парк, страшно е што се случи“, велат соседите.
Девојчето Данка Илиќ исчезна во вторникот во Бањско Поље кај Бор. Во средата по 27 часот полицијата ја прекина потрагата и започна друг вид на акција за пронаоѓање на детето. Во ова мало место кај Бор се уште остана одреден број полицајци, а вчера беше блокиран и пристапот до куќата.
Во потрагата по исчезнатото дете се вклучени припадници на Жандармеријата, пожарникари, планинска спасувачка служба, како и голем број доброволци.
Регион
„Само се шалевме“ – уапсените поради тврдењата за исчезнатото девојче се донесени во полиција
Тројцата кои беа уапсени во Босна и Хервеговина, а тврдеа дека имаат информации за исчезнатото девојче од Србија, Данка Илиќ и бараа пари, во полиција рекле дека „само се шегувале“, пренесува Н1 Сараево.
Федералната полициска управа вечерва уапси три лица кои на социјалните мрежи тврдеа дека имаат информации за исчезнувањето на двегодишното девојче од Србија, Данка Илиќ, по коешто трага речиси целиот регион.
Како што јави известувачот на Н1, уапсените биле донесени во зградата на Федералната полициска управа.
Како што се дознава, за време на преносот во живо на „Тик-ток“, тие побарале десетици евра за да ја откријат локацијата на девојчето и тврделе дека ја чуваат во подрумот.
Веднаш по апсењето изјавиле дека „само се шегувале“. Сите уапсени се членови на исто семејство.
Инспекторите на Одделот за компјутерски криминал на Федералната полициска управа преку ИП адресата ги лоцираше лицата кои тврделе дека имаат информации за исчезнувањето на детето.
Вчера на социјалните мрежи се појави видео од надзорната камера на куќа лоцирана во близина на местото каде исчезна Данка Илиќ во 13:45 часот.
На видеото се гледа автомобил кој брза во 13 часот и 47 минути, а малото девојче исчезнало малку пред тоа, односно во 13 часот и 45 минути, како што рекла нејзината мајка.
Свет
Тешка автобуска несреќа во Јужна Африка, загинаа 45 лица
Министерството за транспорт на Јужна Африка денеска соопшти дека 45 лица загинале, а едно лице е повредено во автобуска несреќа кај Маматлакала во северната провинција Лимпопо.
Министерството објави дека возачот изгубил контрола над автобусот, кој потоа удрил во бариерите на мостот, по што возилото паднало преку мостот, удрило во земјата и се запалило.
Автобусот превезувал луѓе од Боцвана до Морија, град во Лимпопо.
Спасувачките операции продолжија до доцна денеска.
Некои тела изгореле до непрепознатливост, а некои патници останале заробени во урнатините на автобусот, соопштија сообраќајните власти во Лимпопо.